Сведок во „Титаник“ откри дека се издавале државјанства без лично присуство

Денеска во Кривичен продолжи судењето за предметот за изборен криминал на СЈО „Титаник“ со сослушување на сведоци за незаконското издавање на државјанства и лични карти на граѓани од Албанија.

Вработената во МВР Виолета Димитровска која веќе е во пензија, како сведок, ја појаснуваше процедурата за издавање државјанства во Министерството појаснувајќи дека во нејзината 35-годишна кариера барања за државјанство се поднесуваат или лично или со полномошник. Но, само еднаш имала поинаква пракса, кога вработениот во Министерството за правда, Мунир Пепиќ, и рекол оти има лица кои исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат лично да поднесат барање, па нивните барања да биле поднесувани преку претставник чие име почнува на буквата „А”, кој имал приближно 40 години.

„Од Мунир Пепиќ ми беше пренесено: Вики, сега идам откај началничката Надица Велевска. Имам лица што исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат да дојдат поединечно, а имаат свој претставник кој ќе ги носи нивните барања пополнети. Така е договорено и со Кире од Кабинетот“ – рече Димитровска.

„Ништо не реков, но не ми беше пријатно. Се качив горе во Секторот и се видов до Надица. Таа ми рече: Вики, што да ти кажам, што да ти речам?“, сведочеше Димитровска.

Таа пред судот рекла дека тоа траело една година, од април 2014 до април 2015 година, а нејзината улога била само да се примат барањата и да се предадат.

Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ