Хронологија: Како „Никофон“ го купи земјиштето на кое сака да гради катна гаража

Петти април 2012 година, четврток. Советниците во општина Центар, во тоа време предводена од Владимир Тодоровиќ, на седница го носат изменетиот Детален урбанистички план за Голем ринг, во кој државното земјиште до „Аутомакедонија“ се збришува како паркинг за жителите во околните згради и добива намена Е2 и Б, за катна гаража и деловни простории, пишува Стандард.

Општината за 18 дена успеала да донесе план, да направи картирање и потоа да се спроведе јавен повик, иако нормалната процедура предвидува 15 до 30 дена само за усогласување со Катастарот. Потоа, Министерството за транспорт и врски, тогаш предводено од Миле Јанакиески го почнува јавниот повик за откуп на државното земјиште, на местото на кое треба да никне барокна катна гаража, бидејќи во тој период градот Скопје веќе го добива новиот лик по желба на тогашниот премиер, Никола Груевски, особено во центарот, каде и се сместени речиси сите споменици и барокни фасади.

За Е2 намена, во Службен весник е наведено дека почетната цена за јавно наддавање е 5.600 денари. Нешто помалку е почетната цена за Б намена, што кога ќе се спојат двете намени, 70 отсто од градбата да биде Е2 намена, а 30 отсто Б намена, како што предвидува ДУП-от за таа парцела, би требало да се дојде до почетна цена од над 5.000 денари. Сепак, Јанакиески дава дозвола, почетната цена да биде 1.850 денари, за што во моментот никој не изреагирал, иако доколку почетната цена била според стандардите, државната каса би имала поголем приход од продажбата.

Електронското наддавање поминува, а најголемата цена ја вади „Никофон“, фирмата на Никола Настески. За време на наддавањето, случајно или не на еден од конкурентите му снемува интернет. Тој реагира во Министерството за транспорт и врски, со цел електронското наддавање да се повтори, но одговор не добива никогаш.

Во 2013 година, една година по купувањето на земјиштето, и по три изборни круга, на чело на општината застанува Андреј Жерновски, кој се соочува со проблемот за градбата на „Никофон“ и револтот на граѓаните. Граѓаните одлучуваат да поднесат кривична пријава против Јанакиески, Тодоровиќ и експремиерот Никола Груевски за начинот на кој е продадено државното земјиште. Обвинителството, кое во тој период беше под водство на Марко Зврлевски го отвара случајот, но тој никогаш не добива судска разврска.

Од општина Центар тврдат дека доставиле 72 списи како дополнителни документи кои ги побарало обвинителство, од каде пак тврдат дека тие не ги добиле бараните документи. И во 2019 година, со нов градоначалник, општината го ревидира ДУП-от за Голем ринг и под сомнение за договрена зделка за изградба на барокна катна гаража, се поднесува кривична пријава за целата постапка за отуѓување на имотот и почетната цена од 1.850 денари.

Поради брзината со која се донел ДУП-от и несоодветното место за изградба на катна гаража, доколку се изгради истата, би имала многу недостатоци. Иако за градба која е катна гаража треба да има влез и излез, оваа градба би имала само еден влез, бидејќи втората улица на која излегува е помошна и Министерството за внатрешни работи не дозволува истата да се користи како влез или излез од катна гаража.

Градоначалникот Саша Богдановиќ вели дека во целата постапка има многу нејаснотии и дека е донесена наслнички и набрзина, па затоа има недостатоци, но и чудни промени вредни за истражување.

„Нејасно е како Министерството за транспорт и врски успеало почетната цена од 1.850 денари, што дава основен сомнеж дека ако имало повисока цена во државната каса ќе се слеале повеќе пари. Во тој дел се изградија многу објекти од „Скопје 2014“ и поради насилничкото градење имаат проблем со ставање во употреба на тие објекти. Плановите беа носени во доцните часови, а сега тие се нефункционални, се плашам дека ќе останат нефункционални и ќе бидат споменик за неразумно и ненормално владеење“, рече тој.

Богдановиќ смета дека настапиле сериозно кон фирмата на Никола Настески, која треба да гради на тој дел, но токму поради тоа, „Никофон“ брза за да почне со изградбата, а во исто време и да ја прикаже општината како несериозна.

Настески пак, рече дека преговорите со општината ги прекинал пред еден месец, бидејќи немале заеднички јазик, а најави дека е можно повторно да седне на иста маса до Богдановиќ за да се обидат да дојдат до договор.

„Преговаравме до пред еден месец, кога всушност сфативме дека општината води несериозни преговори, со единствена цел одолговлекување на постапката за изградба на катната гаража. Во секој случај, во интерес на станарите и Градот Скопје ние и понатаму сме отворени за сериозни преговори“, вели Настески за Локално.

Општина Центар побарала и времена мерка прекин на градба додека не се истражи целосно случајот, бидејќи ако Настески почне со градба и се докаже дека општината била во право, ќе има несакана штета. Општинските власти пак, велат дека наишле на веќе продаден простор кој има дозвола за градба, па затоа сакаат во интерес на граѓаните да ги исправат грешките кои се направени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ