Ќе работиме со новиот претседател на Собранието на поддршка на демократијата и на напредокот на Македонија на евроатлантскот пат, изјави заменик-помошникот на американскиот државен секретар за Европа и за Евроазија, Хојт Брајан Ји.
Тој во обраќањето пред Подкомитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот, порача дека е неопходно македонските власти целосно да ги истражат нападите врз пратениците во Собранието, извршени на 27 април, и одговорните да бидат изнесени пред лицето на правдата.
– Етничките тензии на Балканот уште еднаш се во пораст. Неодамнешното насилство во Македонија ја потцртува сериозноста на нивните политички проблеми – рече Ји, додавајќи дека национализмот во регионот е во пораст и дека потребно е проблемите соодветно да бидат третирани затоа што претставуваат закана за американските интереси во Европа.
– Ние, како партнери, им помагаме да ги достигнат стандардите неопходни за да се постигне таа цел. Кога го браниме владеењето на правото, незвисното судство, човековите права, тоа не е секогаш популарно за власта – изјави Ји.