Зошто странските инвеститори ја напуштаат Македонија?

Политиката на субвенционирање на странските инвеститори помогна да се отворат нови работни места, но веќе има примери во кои странски комапнии по истекот на субвенциите ја напуштаат Македонија, а дел од нив се соочуваат со финасиски проблеми.
Ова го велат дел од економистите, сумирајќи ги бенефитите од странските директни инвестиции. Во изминатиот период „Висетон електроникс“ ги спакува куферите и ја напушта Македонија, во „Веибо груп“ се делеа откази, а холандската „Стил кон“ се соочува со загуби и доцнење на плати.
Експертите велат дека под прашање е ставен ефектот на странските инвестиции кога државата скапо го плаќа нивното привлекување и субвенционирање. Нефункционирањето на правната држава, селективната правда и непримената на законите се основни причини за отежнато функционирање на бизнисот, поради што инвеститорите се соочуваат со загуби. Македонските бизнисмени, пак, со години бараат еднаков третман на Владата кон домашните и странските компании.
Пред „Стил кон“, со откази и заостанати плати се соочија вработените во рускиот „Продис“ каде осум месеци доцнеше платата а вработените тврдеа дека производството во фабриката згаснало за цела година. Според анализите на независните здруженија државните пари што биле потрошени за привлекување на странски инвестиции би имале поголем ефект врз економскиот раст доколку биле потрошени на директни државни инвестиции. Податоците на Народната банка, пак, говорат дека во првите месеци влегле инвестиции во вредност од 223 милиони евра.

Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e