– Сите предмети дадени на извршување заклучно со 31 декември 2017 година од страна на јавни и државни претпријатија и уставнови се бришат. Доверителите се должни да направат отпис на каматите и репрограмирање на долгот во рок од три месеци од стапување во сила на овој законж, рече на прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Според премиерот, со ова се исправа уште една неправда направена во 2011 година, кога старите извршни предмети беа префрлени од судовите на изршителите и нотарите.
– Во сите предмети дадени на извршување заклучно со 2017 година од страна на сите државни органи и установи каматите се бришат. Доверителите во државна или јавна сопственост со овој закон ќе бидат должни да направат целосен отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од стапување во сила на законот. Доверителите кои се во приватна сопственост отписот на каматите како и репрограмирањето на главниот долг и трошоците го вршат на доброволна основа, рече Заев.
Тој ги повика и приватните доверители да го направат тоа на доброволна основа и изрази надеж дека тоа ќе го направат особено оние што можат да си го дозволат тоа и да прифатат.
Доверителите со отписот на каматите и репрограмирањето на долгивоте треба да ги информираат извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од отписот на каматите. Со денот на стапување во сила на овој закон извршителите прекинуваат со присилно извршување на предметите.
Плаќањето на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот ќе се врши на месечни рати зависно од висината на долгот. За долгови до 10.000 денари на шест месеци, од 10.000 до 60.000 денари на 12 месечни рати, од 60.000 до 120.000 денари на 24 месечни рати, до 240.000 денари на 36 рати, а над тој износ на 48 рати.
Како што рече Заев, Владата ќе испрати до Собранието уште еден закон со којшто на јавните претпријатија ќе им помогне да ги надминат проблемите за задолженост.
– Со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци е предвидено надминување на проблемите во јавните претпријатија основани од општините особено долговите преземени од страна на локалните самоуправи. Каматите ги доведуваа во особено отежнати услови нивното нормално функционирање и финансиско работење и резултатите за развојни активности. Проблемот се должи на огромниот износ средства во рамки на утврдениот долг кои се по основ на камати на јавните претпријатија кон државните органи и институции и установи. Се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите коишто се државни органи, како и репрограмирање на долговите и трошоците на овие претпријатија со цел нивно нормално функционирање, рече Заев.
Отписот на каматите и репрограмирањето на долгот и за јавните претпријатија исто така ќе биде на месечни рати, за износ до 300.000 денари на 12, од 300.000 до 600.000 денари на 24 рати, од 600.000 до 1.000.000 денари на 36 рати, од 1.000.000 денари до 3.000.000 на 48 рати, а над тој износ на 60 месечни рати.
Министерката за правда Рената Дескоска, коментирајќи го намалувањето на наградата за извршителите поради што тие вчера штрајкуваа, рече дека Владата презема драстични мерки со цел да им се олесни на граѓаните и оти социјалната правда и грижата за нив имаат приоритет над поддршката на удобните позиции на извршителите.