Заев за Дојче Веле: Изборите на 12 април се затворено прашање

Одржувањето на изборите на 12 април е затворено прашање и сите партии се согласни со датумот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче Веле на македонски јазик, во кое, меѓу останатото се осврнува и на неговата досегашна работа на премиерската функција и на постигнувањата на актуелната влада, пред се во економската и социјалната сфера, за заканите на опозицијата за негова дискредитација, за состојбата во правосудството, за очекувањата за старт на преговорите за членство во ЕУ, за спорот со Бугарија и за иднината Договорот од Преспа.

– Преодната влада треба да се формира на 3 јануари и од тоа не треба да има никакви отстапки. Изборите на 12-ти април треба да ги гледаме како затворено прашање, сите партии се согласни со датумот. На предлозите на опозицијата за министри и дополнителни заменици министри треба да се гледа на едноставен и прагматичен начин, нагласува Заев.

Во врска со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ министер за внатрешни работи во техничката влада да биде воено лице, Заев вели дека се појавува дилемата околу уставноста на ваквиот предлог, бидејќи Уставот експлицитно бара за министер да се назначи цивилно лице.

– Ќе продолжат разговорите со опозицијата, верувам дека оваа дилема брзо ќе се расчисти. Ги слушаме експертите, целата јавност веќе зборува за тоа. Ако е очигледно дека ова предложено решение не може да помине заради тоа што Уставот тоа не го дозволува, сигурен сум дека опозицијата нема да си дозволи да инсистира на кршење на Уставот и дека ќе може брзо да предложи друг кандидат околу кој би се согласиле, порача Заев.

Премиерот во интервјуто истакнува и дека е задоволен со тоа што направи неговата Влада во изминатите две и пол години, иако вели дека секогаш може да се направи повеќе од тоа што е направено.

– Се решија историски прашања, ги забрзавме интеграциите, стануваме членка на НАТО, наскоро очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ, ја придвиживме економијата, паралелно со сите овие други крупни стратегиски прашања кои што ги донесовме – владата, парламентот и граѓаните заедно, потенцира премиерот.

Заев нагласува дека благодарение на владините мерки и реформи економијата ги даде резултатите уште во оваа година, со раст во првите три квартали од 3,6 отсто, нови 60.000 вработени, 742 милиони евра странски инвестиции, 300 отсто зголемување на социјалната помош, раст на платите во образованието, здравството, Армијата…

– Тоа носи повеќе приходи во државата, па може да дадете поголеми плати, пензии, да ја поддржите повеќе економијата, здравство, образование и се што ви треба… Во 2020 година овие бројки ќе бидат уште подобри, додава Заев.

Запрашан дали се плаши од промена на власта, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ често знае да се заканува дека „кланот Заеви“, како што вели, ќе заврши во затвор, премиерот е дециден дека „промена на власта нема да се случи“.

– Но, не заради заканите. Семејството Заеви добивале закани и закани од режими, па еве, во најава и од некој нов режим. Дадов ветување дека режим никогаш повеќе нема да има, и ќе се борам тоа да не се случи никогаш повеќе. Верувам дека граѓаните ќе дадат сериозна поддршка на ваквите политики и овој пат по кој се движиме, затоа што никој и не понудил друга алтернатива. Ако сум се водел од стравовите, немаше да биде ни „Вистината за Македонија“, немаше да биде ни пркосот во Собранието, ни оние храбри одлуки кои досега ги донесовме кои и ја отворија перспективата на нашата земја. Апсолутно немам страв од никој и ништо, ниту јас, ниту моето семејство, потенцира Заев.

Во интервјуто премиерот се осврнува и на состојбите во правосудниот систем, признавајќи дека тука веројатно Владата можела да направиме многу повеќе, поради што нагласува дека е потребно унапредување на целото судство, па затоа тој и се залага за прочистување на правосудството.

– Нашето прочистување треба да ги тргне оние малкумина судии и обвинители од правосудството, за да можат чесните и професионалните да работат… За мене, одлуката на Судскиот совет за разрешување на поранешниот претседател на скопска „eдиница“ е дел од тоа прочистување, согласно законот. Тој процес ќе трае и верувам дека брзо ќе даде резултати, вели Заев.

Во врска со очекувањата за почеток на преговорите за членство во ЕУ, Заев нагласува дека ние треба да продолжиме со нашите политики и да ги разубедиме сите оние кои што имаат некакви резерви околу нашата подготвеност за старт на преговарачкиот процес.

– Ние повторуваме дека не сакаме веднаш да бидеме членка на ЕУ, туку да ја задржиме мотивацијата, да го направиме следниот чекор. Кога ќе бидеме и ние, и ЕУ подготвени, тогаш ќе станеме членка. Дали тоа ќе се случи за пет, седум или 10 години, никој не може денеска да каже, додава Заев, истакнувајќи дека очекува Унијата „час поскоро“да донесе одлука за почеток на преговорите.

Запрашан за поконкретни рокови за стартот на преговорите Заев вели дека за ова прашање на Европскиот совет ќе се одлучува во март, во јуни или во октомври, но не и на средбата на врвот ЕУ – Западен Балкан во мај во Загреб, бидејќи, како што нагласува, на тој самит „не се носат одлуки за проширување“.

Во врска со средбата што ја најави со бугарскиот премиер Бојко Борисов по повлекувањето од премиерската функција, Заев вели дека иако таа е дел од неговата приватна агенда, тој на првиот човек на Владата на Бугарија ќе му понуди креативни решенија.

– Се работи за идентитетски прашања кои Бугарија ги прифати согласно со Уставот, но треба да направиме исчекор. Историските прашања верувам дека ќе ги решиме и ќе им помогнеме на двете комисии, како што беше оригиналната замисла: низ договорот да градиме пријателство, а не да создаваме непријателство. Верувам дека ќе најдеме решение, јас и советниците имаме креативни размислувања, потенцира Заев во интервјуто.

Запрашан дали стравува дека Преспанскиот договор можеби нема да преживее доколку СДСМ „падне од власт“, Заев нагласува дека евентуалното поништување на спогодбата од Преспа ќе значи дека „земјата ќе биде доведена да биде исклучена од НАТО“.

– Ние нема да паднеме од власт. Се разбира, граѓаните на слободни избори ќе донесат одлука, но јас најсилно ќе се борам и ќе се залагам да укажам најпластично, најилустративно, најдраматично што ќе се случи ако се врати режимот. Сѐ што направивме за две и пол години, а направивме многу, ќе биде отфрлено. Она што го најавува опозицијата е закана дека ќе биде поништен договорот од Преспа, тоа значи дека земјата ќе биде доведена да биде исклучена од НАТО. Но едно е јасно, граѓаните кои во огромно мнозинство ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите на земјата, нема да дозволат земјата да скршнe од патот за кој се бореа генерации, истакнува премиерот Заев во интервјуто за Дојче Веле.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e