Во Брисел преговори со НАТО, во Скопје трка по мнозинство

Дебатата за уставни измени доби еден ден „пауза“. Македонија денеска ги почнува преговорите со НАТО, со надеж дека тој процес ќе биде заверен и од парламентарно мнозинство.
Фреквентно и жестоко е во триаголникот Брисел – Скопје -Атина. Денеска и утре во Брисел и официјално започнуваат претпристапните преговори за приклучување на Македонија во НАТО, во Скопје дебатата за уставни измени доби еден ден „пауза“ и можност да се пребројат гласовите на разумот во парламентот, а во Атина темелно се анализира оставката на шефот на дипломатијата, Никос Коѕијас, кој од грчка страна беше еден од архитектите на Договорот од Преспа.

„Не можеше да биде позаплеткано“, коментираат дел од аналитичарите во Грција, осврнувајќи се на состојбите во двете соседни земји.

Во Македонија не згаснува надежта дека перспективата на Македонија ќе победи над теснопартискиот интерес и опструкциите врз Договорот од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов никој јавно не лицитира со бројки, со што расте неизвесноста дали на утрешната седница на парламентот ќе се исцрпи дебатата за која сега останаа само пратениците од владејачкото мнозинство, дали утре ќе гласа за уставните измени, и дали тие ќе ја добијат неопходната двотретинска поддршка.

„Во петок ќе знаеме дали има двотретинско мнозинство“, ијави пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири во синоќешната дебата на ТВ „Телма“. Неговиот соговорник, Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, е уверен дека пратеничката група на опозициската коалиција е едногласна во одлуката дека нема да гласа за уставни измени.

„Референдумот е неуспешен и нема гласање во Собранието“, изјави синоќа Јанушев.

Едногласни или не?

Неколку часа претходно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и колицијата „За подобра Македонија“ соопштија дека на заедничка координација одлучиле да се откажат од јаловата дебата што се води во Собранието.

„Пратеничката група заклучува дека е кажано се, и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа кој беше отфрлен од народот на референдум. Истовремено, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата апелираат и до пратениците од владејачкото мнозинство и тие да се откажат од настапите, и да се пристапи кон гласање по предлогот на Владата за уставни измени“, се наведува во соопштението.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата изразуваат увереност дека предложените измени на Уставот нема да поминат во Собранието и едногласно ја потврдуваат нивната позиција дека ќе гласаат против уставни измени.

Сепак, извори од опозицијата неофицијално признаваат дека „не е се толку едногласно“ во пратеничката група.

„Не е тајна дека има голем притисок, па затоа и дел од колегите апелираа Заев и Мицкоски да седнат, да најдат решение и да ја релаксираат ситуацијата. Дел од колегите се сосема свесни за значењето на Договорот за интеграциските процеси на Македонија, но се ставени во ‘менгеме’ меѓу партискиот став и чувството на лична одговорност ако се пропушти оваа шанса. Тоа ги става во една неподнослива ситуација, и можно е да стават крај на тој притисок, и да постапат по свое убедување“, велат неофицијално извори од партијата.

Сметаат дека ќе биде лошо ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ или негови „извршители“ започнат каква било хајка против слободниот глас на пратениците.

„Тогаш би паднале во вода сите тврдења во однос на заканите и притисоците – ‘не прифаќам таков начин на делување и истиот го осудувам’ (како што напиша Мицкоски во писмото до Мичел -н.з.), тогаш ќе се види се…“, сметаат нашите соговорници.

Најсилните земји – наши сојузници!

И додека Македонија е соочена со неизвесноста од исходот во парламентот, денеска и утре во Брисел и официјално започнуваат претпристапните преговори за приклучување на земјата во НАТО. Членовите на Комитетот за интеграција во НАТО и на Работниот комитет денеска ќе се сретнат со претставници Алијансата кои ќе бидат вклучени во процесот на утврдување на усогласеноста на Македонија со стандардите на НАТО. Со оваа сесија разговори во Брисел, Македонија де факто ја отвора последната фаза во односите со НАТО пред зачленување во Алијансата, откако за тоа доби покана во јули годинава на Самитот во Брисел. Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, два дена претходно порача дека пред Македонија е шансата да стане членка на најмоќниот систем на колективна безбедност што обединува 900 милиони граѓани.

„Најсилните земји во светот ќе бидат наши сојузници. Македонија отсекогаш беше обединета по прашањето за членство во НАТО. Оваа ориентација е присутна во сите програми на важните партии во земјата од осамостојувањето до денес. Тоа е точката која не поврзуваше и во моментите кога бевме најразлични и најподелени. Сега е моментот, сите ние, а најмногу пратениците, од зборови да преминат на дела. Пратениците од сите партии се исправени пред историска шанса и одговорност. Никој нема право да ѝ ја одземе иднината на оваа земја и на нејзините граѓани кои предолго ја чекаат оваа вест, особено по поканата од НАТО“, порача Шекеринска.

Во оваа фаза на преговорите ќе биде утврдена и временската рамка за нивно комплетирање, а процесот треба да заврши до крајот на декември годинава.

„Во јануари 2019 година Република Македонија ќе го потпише Протоколот за пристапување со право на учество во сите тела на НАТО, но, без можност да гласа, а приемот на нашата земја во полноправно членство ќе се случи откако земјите членки ќе го ратификуваат Протоколот за пристапување, секоја одделно, во своите национални парламенти. Во нашиот случај е предвидено Грција да биде првата земја-членка која што ќе го ратификува овој документ, откако ние ќе го завршиме нашиот дел од обврските од Преспанскиот договор“, потсети Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Извор: ДВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e