(ВИДЕО) Како гласаа политичарите на референдумот?!

По затворањето на гласачките места, премиерот Зоран Заев најави дека во 19.30 ќе даде изјава за медиумите во медиа центарот на „Коалицијата Заедно ЗА европска Македонија“

Заев своето право на глас го искористи во Струмица, на избирачкото место 1730 во ОУ „Никола Вашцаров“ во Струмица. Тој на гласање дојде во придружба на сопругата Зорица и синот Душко.
Веднаш по гласањето премиерот Заев во изјавата истакна дека денешниот ден е убав и е нов празник за Република Македонија. Додаде дека денес граѓаните излегуваат и одлучуваат за иднината на земјата и со одлуката граѓаните го прават истото како во минатото, во сите пресудни моменти за Република Македонија, носејќи сериозни и важни одлуки со кои го трасираат патот на земјата за иднината и на наредните генерации кои доаѓаат.

– Денес е вистински празник. Јас очекувам преку масовноста во гласањето, со големиот одѕив уште еднаш да се потврди и мултиетничкото единство на нашите граѓани и севкупното политичко единство на граѓаните надвор од која било политичка партија или политички определби. Очекувам Собранието да ја следи мнозинската одлука на граѓаните, која денес ќе биде јасен правец во која насока треба да се движи нашата земја. Очекувам по овие одлуки Македонија конечно да ги постигне своите стратешки цели-да биде членка на најмоќниот воен сојуз во светот-НАТО и да биде членка на најсилната економска унија во светот-Европската унија, изјави премиерот Заев пред голем број домашни и странски новинари кои го следеа неговото гласање на референдумот во Струмица.

На новинарско прашање како Бугарија помогнала за референдумот, претседателот на Владата истакна дека нашите соседи со пријателството кое го покажале, почнувајќи пред се од Бугарија, се охрабрил целиот регион.

– Се охрабри и грчката страна за Македонија да ги постигне двата историски договори-прво Договорот со Бугарија за добрососедство и пријателство и соработка, а потоа историскиот договор исто така со Грција, каде што се реши конечно 25-годишниот спор, спорот за името кој го имавме со Грција. Ова останува вечна трага овде во регионот како се гради пријателство, како се верува во европските вредности, како се постигнуваат европски манири, европски односи. Сето тоа верувам дека ќе влијае позитивно на генерациите кои доаѓаат по нас, одговори премиерот Заев.

На новинарско прашање колку премиерот е убеден дека ќе има гласови ЗА, Заев рече дека очекува големо, големо мнозинство гражани да бидат ЗА.

-Јас верувам дека големо, големо мнозинство од граѓаните ќе биде ЗА, бидејќи повеќе од 80 проценти од нашите граѓани се за ЕУ и НАТО. Јас верувам дека тоа огромно мнозинство, како во секоја демократија, ќе биде прецизен патоказ за граѓаните, за нас политичарите и за парламентот да ги следат желбите на граѓаните, а на крајот парламентот да ја изгласа таа желба, бидејќи таму се потврдува нашата иднина, рече премиерот Заев.

На прашањето што му порачал на неговиот син Душко, претседателот на Владата на РМ рече дека заедно дошол со син му на гласање и при тоа гласајќи заедно се определиле за иднината на нашата земја.

– Дојде и тој учествуваше со мене и да види дека ние родителите носиме храбри и сриозни одлуки да ја определиме токму нивната иднина, на нашите деца, на генерациите кои доаѓаат по нас. Јас сум многу среќен што денеска мојот син ја сподели ова историска можност со мене како родител, пред се, но и како граѓанин на оваа наша сакана земја, за да им обезбедиме токму на нив, децата подобра иднина, итакна премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања по гласањето во родната Струмица.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска по гласањето на референдумот рече дека очекува процес во кој мнозинството граѓани ќе покаже силно дека е Македонија да стане земја членка на НАТО и на Европската Унија и дека со таа силна поддршка навистина можеме да направиме чуда.

-Очекувам референдумот да биде каков што е и денешниов ден, полн со вера, надеж и љубов, полн со верба дека можеме да бидеме подобра држава, надеж дека тоа го правиме со денешниот чин со многу, многу љубов кон наша Македонија, изјави Шекеринска по гласањето на референдумот во СУГС „Георги Димитров“ во Скопје.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денес, во 9:30 часот, го оствари своето гласачко право за референдумот, во избирачкото место со бр. 2855 во Ј. У. Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

По гласањето, министерот Димитров ја даде следната изјава за медиумите: „Силно светнал ден, цел месец политиката зборуваше, објаснуваше колку голем историски влог има оваа денешна раскрница. Денеска народот зборува, а народот зборува со гласање. Јас само се надевам дека денес ќе биде празник на демократијата и дека конечно нашата Македонија ќе тргне напред, во правата насока.“

– Се надевам дека денес ќе биде празник на демократијата и дека конечно нашата Македонија ќе тргне напред и во вистинската насока – кон ЕУ и НАТО со зачувано тоа што ни е важно, додаде Димитров.

Во изјава за голем број медиуми од регионот шефот на македонската дипломатија рече и дека денешниот ден е важен и за пријателството со соседите во регионот.

– Ова е голем ден и за Македонија и голем ден за пријателството со Бугарија, со Грција и со другите соседи. Уверен сум, а и возбуден затоа што денеска е исто така и мојот роденден, рече Димитров.

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи од гласачкото место во ОУ „Адем Јашари“ во Чаир порача: „Во мојот живот не сум имал ден во кој сум донел поголема и поважна одлука за моите деца, за моето семејство, но и за сите граѓани. Буквално и во приватниот и во деловниот живот“.

– Поважен ден за поважна одлука не сум имал ниту јас, ниту мислам дека мојата генерација имала поважен ден. Ден што ја одлучува иднината во најсилните контрасти на одлуката, не во нијансите за помалку добро или помалку лошо. Туку буквално денеска ги одредуваме правците на државата, на иднината, рече Османи.

Според него, граѓаните се свесни за одлуката што ја носат и денеска масовно ќе излезат од сите етнички заедници и од сите генерации.

– Денешниот ден е неповторлив. Неповторлив по можноста што ја нуди. Нема да имаме друг ден во наредните генерации кој ни нуди ваква можност да ја утврдиме иднината на генерациите кои доаѓаат во мир и во економска блгосостојба, додаде Османи.

Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски денеска во училиштето „Кочо Рацин“ го оствари нејзиното право на глас.

-Денеска го остварив своето право на глас и се надевам дека со исходот од денешното референдумско гласање ќе ги отвориме перспективите за Република Македонија и за иднината на идните генерации, посочи Ременски.

Таа изрази надеж дека граѓаните во текот на денот ќе го искористат нивното право на глас.

„Убеден сум дека граѓаните нема да ја пропуштат оваа историска можност Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО и на Европската унија. Денес на 30 септември Република Македонија има шанса да стане 30-та членка на НАТО, изјави потпретседателот на Собранието на Република Македонија“, изјави потпретседателот на Собранието Горан Мисовски откако гласаше на референдумот на гласачко место во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје.

Посочи дека го искористил своето право кое му го дава Уставот да гласа на референдумот за европска Македонија.

– Убеден сум дека граѓаните на Република Македонија преку позитивната кампања која ја водевме последните 20 дена ги препознаат придобивките кои ќе ги имаме со влезот во НАТО и ЕУ, а тоа се многу повеќе средства за инфраструктурни објекти, за земјоделството, за образованието, повисоки плати, поголема заработувачка за фирмите кои ќе инвестираат во Република Македонија, додаде Мисовски.

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и лидер на Национална демократска преродба (НДП) Весел Мемеди денеска гласаше на референдумот на гласачко место во селото Чајле.

– И јас како сите останати граѓани го искористив моето демократско право да се изјаснам во врска со референдумот. Референдумот е највисокиот демократски акт и секој граѓанин на Република Македонија треба да го искаже својот став. Во овој момент ги повикувам сите граѓани, не само од село Чајле, туку и од цела Република Македонија да излезат, да се изјаснат и да го кажат нивниот став, изјави Мемеди.

Минисерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по гласањетона референдумот во Куманово истакна дека ова е историски ден за Македонија.

– Секој од граѓаните денеска треба да биде среќен што ќе можеме да ги оствариме нашите вековни идеали, а тоа е Републлика Макакедонија како самостојна и суверена држава да стане дел од НАТО алијансата и европското семејство, изјави Спасовски.

Тој очекува мирен ден, граѓаните да гласаат во демократска, цивилизирана атмосфера, самостојно да донесат одлука и да го кажат својот став во однос на Македонија и иднината на децата.

– Посакувам вечерва Македонија да слави заедно со сите граѓани заради сериозниот исчекор и напредок што ќе ги направи за својата иднина, подвелече министерот за внатрешни работи.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска гласаше на избирачкото место број 0816 во Зајас. По изјаснувањето Ахмети истакна дека ова е историски момент за земјата и оти се надева дека граѓаните мирно и достоинствено ќе излезат и ќе гласаат според нивното убедување, било да е тоа „за“ или „против“.

– Според моите информации досега се се одвива мирно, достоинствено и без никакви проблеми. Од утре очекувам сите да работиме за да бидеме што поблиску до ЕУ и НАТО бидејќи особено во последните 15 години речиси сите сме работеле во тој правец. Треба да работиме во правец на мирот и стабилноста, да имаме добар судски систем, да има економски развој, инвестиции и достоинство за сите, како и функционални институции. Се тоа во функција на мирот и стабилноста не само кај нас, туку во целиот регион на овој дел на Европа, рече лидерот на ДУИ.

Претседателот на Движењето Беса Биљал Касами по гласањето на избирачко место во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ изјави дека денеска е голем ден за Македонија затоа што граѓаните првпат гласаат за многу важна одлука – за членство во Европската Унија и НАТО.

– Овој референдум е многу важен и од аспект на тоа што сега сите граѓани се еднакви, без разлика на политичката, верската или етничката припадност. Сега сите сме еднакви да гласаме со нашиот глас за нашата и за иднината на нашите деца. Овде нема привилегирани, нема листи за пратеници или листи за советници, туку во овој случај и јас како претседател на политичка партија и другите граѓани сме еденакви со нашиот глас да придонесеме Македонија да биде членка на ЕУ и НАТО, рече Касами.

– Граѓаните да излезат што помасовно денеска и да се изјаснат за референдумското прашање, порача лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села по остварувањето на гласачкото право во струшкото село Ливада.

Според него, не треба никој да се двоуми, сите да излезат и да кажат „да“ за влез во НАТО и во Европската Унија.

– Членството во НАТО и ЕУ пред се е враќање на надежта која е изгубена во државата. Тоа е многу важно за иднината на државата. Повеќе демократија, слобода на изразување, лична слобода и правна држава. Запирање на судството со два аршими и воспоставување вистинска правна држава, која би значела привлекување на повеќе странски инвестиции и помалку млади кои бегаат од државата, изјави Села .

Тој изрази надеж за позитивен исход од референдумот.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска заедно со своето семејство гласаше на избирачкото место во старата градинка „Младост“ во Тетово.

– Верувам дека ќе имаме мирен ден без никави проблеми и исто така верувам дека ќе имаме масовен одговор од граѓаните на Македонија за реферндумот, изјави лидерот на ДПА Тачи по гласањето.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев го оствари своето избирачко право на денешниот референдум.

– Немам некој посебен коментар. Си достојав на зборот, на она што претходно го кажав. Мислам дека секој граѓанин треба да си го искористи секое демократско право Според сопствени убедувања, мислења и толкувања. Јас како носител на функција градоначалник, избран од народот, имав една морална обврска да излезам да го покажам тој демократски морал и чин и да се произнесам со мојот глас, изјави Јанчев по гласањето.

На новинарско прашање околу позитивните коментари за добро менаџирање на односите со двете најголеми политички партии, тој рече дека за него целиот народ е ист и воопшто не прави делење, во никој поглед. Порача луѓето да се тргнат од провокативните теми за поделби. А одлуките, воопшто, да се носат во интерес на граѓаните, а не на политичките партии.

Денеска на референдумот гласаа и координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не гласаше на референдумот. Од партијата изјавија оти Мицкоски смета дека прашањето за референдумот е повеќезначно и манипулативно.

„Во неговата содржина се состои прашање за членство во НАТО и ЕУ што претставува стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ, а во пракстика денешниот референдум се одлучува за штетен договор за преименување на земјава и ништо повеќе, и во таков случај Мицкоски одлучи да не гласа на референдумот, практично апстинирајќи да испрати порака на несогласување и отфрлање на штетниот договор“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e