(ВИДЕО) 360˚ Како до уставни измени? Ќе го активира ли власта сценариото Б за брзи избори?

„Ако кажеме не носиме вакви одлуки и не учествуваме во гласањето во парламентот, треба да кажеме што. И тогаш логично доаѓа избори,“ рече премиерот Зоран Заев.

„Какви предвремени избори“? запраша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Одговорот на зачуденоста на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ е брзи избори, до крајот на ноември, на кои владејачката коалиција би настапила со заеднички листи во обид да освои двотретинско мнозинство и да ги стигне роковите за финализирање на спогодбата со Грција – предуслов за членство во НАТО и преговори со ЕУ.

Ова е сценариото Б што би се активирало ако не успее сценариото А – поддршка од најмалку 80 пратеници во овој парламентарен состав за уставните измени. Контактите почнуваат веднаш, а Заев не сака да потроши повеќе од десет дена за разговори.

„Проценката е дека до 11-ти октомври треба да се знае дали има обезбедено 2/3 поддршка во парламентот за да почне постапката за пристапување кон уставни измени и за тоа се потребни уште 8 пратеници. Калкулациите, колку се социјалисти, остана еден пратеник од ГРОМ, некои од малцинставата. На крајот, се завршува со тоа дека ВМРО-ДПМНЕ треба да биде дел од решението. АКО ВМРО не е подготвено за тоа решение, според мене, евидентно е дека губи многу“, вели поранешниот премиер Владо Бучковски.

За првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка нема дилеми дека референдумот бил неуспешен, но со голем легитимитет. Александар Кржаловски смета дека избори се поизвесна опција, иако не исклучува епилог со сегашниот собраниски состав.

„Може да се убедат неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните промени токму со таа логика дека над 600.000 граѓани јасно се определиле „за“ договорот што е поголем легитимет од двајцата последни претседатели – Иванов и Црвенковски. Може да се очекува и такво дејство, но по вчерашната изјава на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе се обесхрабри таква постака на пратениците и ќе остане неминовно да се оди на избори. Дали ВМРО може да очекува нешто од тие избори е дискутабилно зашто е можна предизборна коалицијана сите што беа во коалицијата „За европска Македонија“ и во тој случај ВМРО-ДПМНЕ ќе биде оставена сама на фронтот против сите други партии, но да видиме дали ќе дојдат работите до таму“, вели Кржаловски.

Премиерот Заев изјави дека ќе го испочитува неодамнешниот договор со Мицкоски за формирање Пржинска влада пред секои следни избори, што е преточено и во закон. Но, во рамките на уставните 60 дена во кои мора да се одржат евентуалните предвремени избори.

„Премиере имаме ли какапцитет за организирање избори со оглед на тоа што сите партии се договоривте за Пржински влада за организирање на самите избори, под услов опозицијата да не ги поддржи уставните измени“, гласеше новинарското прашање.

„Секако да. Законот, уставот, ги предвидува сите следни чекори. Toa e решено, добро што тие работи претходно ги решивме – парламентот ги усвои измените на законот за влада. Така што, ако дојде до тоа да формираме влада, тоа значи дека веднаш ќе очекуваме технички министри за МВР и за социјала, заменици министри, технички премиер. Се стигаат роковите, иако се скусени, се оди во брза постапка имајќи во предвид дека треба да стигнеме и за роковите со Грција, тоа е важно. Но, сето тоа е решено, има легилсатива“, рече Заев.

„Значи ли тоа дека тогаш изборите нема да бидат многу брзи“, гласеше новинарското прашање.

„Баш ќе бидат брзи, неколку дена, значи дека се стига 25 ноември – датумот што го споменав и се стига со неколку дена резерва“, рече Заев.

„Ако на 25 ноември бидат изборите тогаш ќе има доволно време за новиот парламент со сигурно двотретинско мнозинство на коалицијата „За европска Македонија“ да размислува за модалитетите како да го надомести загубеното време. Внимателно го погледнав деловникот на Собранието – ако имате 2/3 мнозинство можете многу да ги скусите роковите кои реално во оваа постапка ќе траат стотина денови. Реално, тие можат да се преполоват, да се направат уставните измени и да се запази рокот – на почетокот на јануари да ја имаме завршено работата. Но, таа е варијантата која треба да ја искалкулира Мицкоски. Најдобро е, заради политичкиот амбиент што би се создал, ВМРО сепак да размисли во овие неколку дена, нема многу време, веројатно ќе следи средба Мицкоски-Заев, можеби веќе има контакти. Треба да се погледне фактичката сосотојба: има само две алтернативи – една е ВМРО-ДПМНМЕ да најде начин и да остави пратениците по сопствено убедување да гласаат во парламентот, но тоа е ризично за Заев зашто тој треба да биде убеден дека го има мнозинството за да влезе во парламентарна процедура“, вели Бучковски.

„Какви предвремени избори“, праша портпаролот на опозициската партија.

Овие денешни одговори на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се само продолжување на синоќешните колебливи изјави на неговиот партиски шеф Мицкоски за можноста за предвремени избори.

„Ова беше битка за Р. Македонија, а не за предвремени или какви било други избори. Се разбира дека ВМРО продолжува со нејзините активности. Доволно бев јасен во пораката до праенците на ВМРО-ДПМНЕ, но и до другите пратеници. Што се однесува до Зоран Заев – тој не треба да се спрема за предвремени избори, туку треба да се подготвува за трајна политичка пензија“, рече Мицкоски.

„Мицкоски сака или не предвремени избори зашто вчера не беше многу одреден. Од една страна рече дека власта со вчерашното гласање го загубила легитимитетот, а од друга дека Заев не треба да се спрема за предвремени избори, туку за предвремена политичка пензија. Ова е малку контрадикторно, зашто таа пензија за Заев може да дојде само преку избори“.

„Да, чудно е што ВМРО-ДПМНЕ уште во јуни кога побара предвремени избори ги лоцираше во март, а не веднаш. Сега истото се случи, малку е чудно. Дали се уште траат процесите на консолидација во партијата и нивната подготвеност за евентуални избори не е на доволно ниво, иако по резултатите од анкетите што и ние ги правевме и други агенции не би требало да избегнуваат избори зашто тоа ќе е единственото решение ако навистина нема волја кај дел од пратениците кај ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат уставните измени“, вели Кржаловски.

„Мислам дека Мицкоски беше контрадикторен во тој дел од изјавите, но од друга страна, тој со вчерашниот резултат стана фактор на политичката сцена, со сите маани на ВМРО-ДПМНЕ и калкулирања. Евидентно е дека тој е оној со кој Заев ќе треба да се договори во делот на уставните измени. Ако нема договор, ќе се соочат на предвремените избори. Чиста е ситуацијата и мислам дека Мицкоски е свесен за тоа и кога тој би бирал, тој не би избрал предвремени избори на 25-ти ноември“, вели Бучковски.

Тогаш, како до уставни измени?

Извор: 360 Степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e