Собранието го донесе Законот за стратешки инвестиции

Собранието попладнево, во рамки на 130. седница, со мнозинство гласови го донесе Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија.

Законот, како што рече во образложението министерот за економија Крешник Бектеши, ќе овозможи слободно движење на стоки, услуги и капитал, еднаков третман на домашните и странските инвестиции, како и рамномерен регионален развој во државата. Сепак, клучно е, потенцира, што постапката за секоја следна стратегиска инвестиција ќе биде исклучително транспарентна.

Пратениците, пак, ги спротивставија ставовите. Оние од владејачката партија укажаа на транспарентноста што ја спомна и Бектеши, како и на низата други придобивки, додека нивните опозициски колеги оценија дека законот не е системски, ниту стратешки, туку решение по нарачка и во неговото донесување препознаа „ујдурма“.

– За секое стратешко инвестирање во државата ќе има лек специјалис, односно дека секоја инвестиција ќе биде регулирана со посебен закон, донесен во Парламентот и изгласан од пратениците. Предлог-законот за стратешки инвестиции се однесува и на стратешките инвестиции кои имаат импакт врз равојот на регионот во целина. Државна помош ќе добие секоја инвестиција вредна повеќе од 100 милиони евра која ќе се спроведе во две или повеќе општини, секоја инвестиција над 50 милиони евра во урбани опптини и секоја инвестиција над 30 милиони евра во рурални средини, објасни Бектеши.

Според Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, овој закон е доказ дека Владата досега имала неуспешна политика во однос на странските инвестиции и недостаоци во системот на нивното привлекување. – Ова е најофицијалниот документ со кој се признава слабата реализација на странските инветсиции од Владата на СДСМ и ДУИ. Таа не го искористи претходниот систем кога од 2007 – 2017 година тука дојдоа многу светски компании и работеа врз основа на постојните закони. Три години се пропупштени во привлекувањето странски инветсиции, рече Милошоски.

Неговиот сопартиец Влатко Ѓорчев ја нарече земјава „темен вилает“ зашто, како што оцени, овие три години не е дојдена, ниту една странска инвестиција. – Терате закон по итна постапка во техничка влада. Кој треба да земе пари од ова? Која ујдурма сте ја смислиле 20 дена пред распуштање на ова Собрание и зошто ако законот е европски не го донесовте уште првиот ден кога дојдовме на власт? Ништо не ви веруваме, ни вам ни на Заев ни на неговите минситри, истакна Ѓорчев.

Пратениците од владејачкото мнозинство во овој контекст посочија на разликите меѓу сегашниот и претходниот начин на привлекување инвестиции. Рекоа дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ со многу високи суми, пари на граѓаните, се плаќаа економски промотори кои не постигнале соодветен резултат.

Во рамки на 130. седница претходно беше донесен и Законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ