Синдикатот на УПОЗ го осуди однесување на дополнителниот заменик-министер Трипуновски

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Пеце Грујовски на денешната прес-конфернеција го оквалификува однесувањето на дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, како непримерно, бидејќи, како што рече, тоа претставува наршување на личниот интегритет на вработените и своевиден мобинг.

– Апелираме до сите носители на јавни функции да се воздржуваат во натамошниот период до изборите од снимање, а доколку тоа е потребно за работниот процес, должни се тоа да го најават во Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за заштита на лични податоци, нагласи Грујовски.

Тој посочи дека, со цел спречување на понатамошни такви случувања, Синдикатот на УПОЗ ќе ги извести и Европската и Светската федерација на синдикатите од јавниот сектор, кои, како што наведе, имаат големо влијание во европските институции.

– Носители на јавни функции да не ја злоупотребуваат јавната администрација и да не ја користат за сопствен партиски маркетинг и интереси заради остварување на изборни цели, истакна претседателот на УПОЗ.

На новинарско прашање околу тоа дека администрацијата се користи за партиски цели, и како што се наведува, не ја врши соодветно својата функција, Грујовски нагласи дека јавната администрација и пред и после избори е удар на партиите од едната и другата страна.

– Јас како претседател на Синдикатот на УПОЗ мислам дека пред околу осум години кажав дека работата во јавната администрација е исто стресна, како и многу други професии, меѓутоа некои веројатно не го сфаќаат тоа и мислат дека денес е привилегија да се работи во јавната администрација. Да, ако се седи и ако не се работи, меѓутоа ако професионално се исполнуваат обврските сметам дека воопшто не е привилегија, посочи тој.

Запрашан, што ќе преземе Синдикатот во врска со однесувањето на Трипуновски, претседателот на УПОЗ наведе дека не можат ништо да преземат.

– Доколку овој процес продолжи ќе видиме преку институциите на системот. Поднесена е колку што знам кривична пријава. Се надевам дека ова ќе биде опомена за него и дека нема да продолжи со вакви работи, бидејќи ова е навистина непримерно однесување, рече Грујовски.

Имено, во петокот Трипуноски објави видео на неговиот официјален фејсбук профил, именувано „Вонредна посета и контрола на ПЕ Берово“.

За видеото вчера реагираа и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Министерството за информатичко општество и администрација.

Од МЗШВ се оградија за однесувањето на Трипуновски, нагласувајќи дека тоа не е пракса на функционирањето на Министерството, туку е личен акт на Трипуновски, со кој не се согласуваат.

МИОА соопштија дека го осудуваат секој обид за злоупотреба и мобинг на администрацијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e