Шилегов до вмровците: Правевте Баба рога од тиранската платформа, сега Баба рога е законот за јазиците

Денеска течеше општата собраниска расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, a прв за збор се јави координаторот на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој рече дека речиси цел закон е спротивен со Уставот и излегува надвор од Рамковниот договор.

„Законот се носи пред одржувањето на локалните избори како барање на ДУИ и уцена на СДСМ  со цел да се покрие корупцијата, скандалите, лошото раководење на градоначалниците од ДУИ, лошата инфраструктура, и да се покриат лошите услови за  живеење на Албанците  во општините кои раководи ДУИ. Со Законот ДУИ сака да ги покрие своите катастрофални пропусти во 15-годишното практикување на власта“, рече Димовски.

Димовски на пратениците од СДСМ им рече дека мора да прифатат било каква уцена да донесат закон кој е противуставен, само за да добијат некој глас од Албанците и да го сочуваат, како што кажа тој, тенкото парламентарно мнозинство и да го задржи нелегитимниот начин на владење.

Бранко Манојловски, пратеник од ДУИ реплицираше на на говорот на Димовски, зачуден дали се свесни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се свесни што зборуваат за предлог-законот за употреба на јазиците.

„Јазикот мора да се реши оти тоа е како голем ураган. Албанците сакаат унапредување на албанскиот јазик. Но, проблем е дека ширите национална омраза. Сите вие овде ако ви го отворам срцето ќе видам големи Македонци и големи Албанци. Јазикот мора да се реши, сакале или не сакале. Исфрлете ја националната омраза. Многу сум разочаран мислев дека во салава има друг вид на луѓе. Дајте да живееме зеадно. Ако Македонија не е стабилна поради јазикот тогаш не треба да постои. Мислете како луѓе, не како Македонец и Албанец“, рече Манојловски.

Димовски му одговори на Манојловски дека националан омраза е тоа што ДУИ ги оставила тетовци да дишат канцероген воздух, да се градат дивоградби во скопската општина Чаир и парите да завршуваат во џебовите на функционерите на ДУИ, а не на сметка на Општината.

„Чичко Бранко, не ги покривајте колегите од ДУИ за нивната неспособност“, рече Димовски.

Пратеникот на СДСМ Петре Шилегов рече дека се влегува во дебата за прашања кои ја вознемирувале јавноста откако се дозна дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски нема да направи влада.
„Тогаш излезе на површина вистинското лице и политиканството. Ние што се занимаваме со политика сме должни да имаме визија каде и како треба да ја носиме државата. Политикантите ќаруваа дневни поени и тоа можевме да го видиме во изминатиов период. Се правеше Баба Рога од Тиранската платформа, сега се прави Баба Рога од законот за јазиците, утре за нова тема со апокалиптички сценарија, со цел да се ќари дневен политички поен“, рече Шилегов.

Извор: Сакам да кажам

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e