Шекеринска: Има две опции – двотретинско мнозинство во Собранието или избори

Мора да се чуе гласот на над 610 илјади граѓани кои кажаа „за“ на последниот референдум. За тоа остануваат две опции – да се добие двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени или да се оди на предвремени парламентарни избори, изјави вицепремиерката и потпретседател на СДСМ Радмила Шекеринска во вечерашното гостување на 1ТВ.

За ставот на ДУИ во врска со овие две опции, Шекеринска рече дека во владината коалиција има согласност, и за спроведувањето на Договорот со Грција кој е врзан со рокови и за евентуални избори. Согласни сме дека посакувана е опцијата А – Собранието со двотретинско мнозинство да ги усвои амандамните на Уставот, но ако тоа не успее јасно е дека најразумна опција е планот Б – предвремени избори, рече Шекеринска.

Вели дека за владејачкото мнозинство се неприфатливи нови преговарања во формат на лидерски средби имајќи предвид дека станува збор за куси рокови кои треба да се исполнат и затоа не треба да се губи време.

Истакна дека и пораките кои деновиве доаѓаат од меѓународната заедица се јасни за поддршка на продолжувањето на имплементацијата на Договорот со Грција, а особено се потенцира и одговорноста на политичките фактори кои тоа нема да го поддржат, посочувајќи на денешното предупредување од владејачката германска ЦДУ-ЦСУ до македонската опозиција дека со блокада на имплементацијата на Договорот ризикува долгорочна изолација на земјата.

Шекеринска рече дека во моментов нема разговори меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за евентуален договор, а немало ниту обиди за посредување од меѓународната заедица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e