Нашиот саем “Вкуси ја традицијата”, по втор пат, ја пишува својата приказна, и силно одекнува промовирајќи се она што е домашно, македонско, локално.
Денеска сме сведоци на убавината од стотиците брендови, нови вкусови, нови идеи.
Над 2000 производи, шаренило на бои кои извираат од секоја тегла, мирисите кои мамат од секоја тезга од 400 изложувачи, ги гледаме распослани на 80 штандови.
-Резултатите од поддршката што ја даваме, во облик на грант за руралните жени, младите земјоделци, и малите производители на храна и вино, денес ја гледаме тука, на дело, посочи министерот Николовски.
Тој истакна дека веќе се склучени договорите за поддршка на малите дестилерии и производители на храна од животинско потекло, а до крајот на годината ќе бидат склучени и договорите за поддршка на малите винарии и производители на храна од неживотинско потекло, за што со ребалансот се обезбедени дополнителни средства.
– Со ваквата финансиска поддршка, ќе создадеме нови успешни приказни. Во тоа сум сигурен, бидејќи бројките на нови регистрирани мали производители – оператори со храна е скоро 2000, што беше и наша цел кога ги креиравме мерките и програмите за поддршка. Тоа значи дека нашата политика силно одекнала и дава резултати, вели министерот.
Николовски искажа голема благодарност за поддршката од Slow Food Macedonia и GIZ North Macedonia сите мали производители и учесници.
– Заедно успеавме по втор пат да направиме настан за паметење, заклучи тој.