Локалниот огранок на движењето за климатска правда „Петоци за Иднината Скопје“ за утре најавува нов марш, за кој што велат дека е последниот годинава во рамките на Зелена револуција, концепт кој обедини повеќе од триесет еколошки организации со 123 конкретни барања.
„Протестот кој го организираат „Петоци за Иднината Скопје“ во петок во 17 часот не е изговор за напуштање часови во средните училишта, како што тврдат некои провладини коментатори. Ваквата квалификација е крајно нечесна и ја валка не само репутацијата на меѓународното движење на Грета Тунберг на кое сме локален огранок, туку и благородната кауза зад која стоиме.
Протестот утре е последниот марш годинава во рамките на Зелена револуција, концепт кој обедини повеќе од триесет еколошки организации зад 123 конкретни барања. Нивно исполнување ќе значи конечен крај на кризата на животната средина во државава. Во петок нашите сојузници од Зелениот фронт даваат поддршка на симболичниот бојкот само на крајот на наставата, кој во никој случај не претставува бојкот за целиот училишен ден, туку само ефективен начин да се обрне внимание на проблемот“, соопштија организаторите.
Според нив, овој период од школската година е важен за средношколците, но чистиот воздух е уште поважен.
„Младите заслужуваат максимална посветеност од властите за решавање на загадувањето. Во моментов таква посветеност не гледаме. За да имаме здраво општество, мора да имаме здрава младина, а за да имаме здрава младина мора да имаме здрава животна средина. Аерозагадувањето со години е проблем број еден во Скопје и пошироко, кое директно придонесува и за климатските промени, и затоа повеќе не може да чека.
Сакаме да нагласиме дека не поддржуваме никакви други активности надвор од закажаната програма и се оградуваме од какви било злоупотреби на еколошката кауза за лични или партиски цели. Затоа ги повикуваме граѓаните од сите возрасти, верски, етнички и партиски припадности да ни се придружат на предновогодишниот Марш за воздух во 2020-та со почеток кај Министерството за животна средина, и да им помогнат на нивните деца во оваа битка“, се додава во соопштението.