Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски утре ќе престојува во официјална посета на Република Австрија, соопшти неговиот кабинет.
Во Виена, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести ќе биде примен од сојузниот претседател Александер Ван дер Белен, а ќе оствари билатерални средби со сојузната канцеларка Бригит Биерлејн и со претседателот на Националниот совет на Сојузното собрание на Република Австрија, Волфганг Соботка.
Според агендата, претседателот Пендаровски ќе одржи предавање на Дипломатската академија во Виена на тема „Преспанската спогодба – нетипично решавање спор на Балканот”.
За време на официјалната посета на Република Австрија, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска.