Аналитичарите препознаваат нов обид на опозицијата да го опструира Договорот со дополнителни услови. „Резултатите од референдумот треба да бидат дискутирани во парламентот“, порача Нимиц, и Генералниот секретар на ОН, пишува Дојче веле.
Од денеска до крајот на недела се очекува да власта да води дијалог со опозицијата за поддршка на уставните измени во парламентот, врз основа на мнозинската волја изразена на консултативниот рефрендум за поддршка на Договорот со Грција. Доколку обидот не успее, премиерот најави вонредни избори на 25-ти ноември. Но, фокусот на меѓународната заедница е сите политички субјекти да покажат политичка одговорност и процесот да продолжи во парламентот. Лавина од такви пораки веќе стигнуваат од сите страни.
„Политичкото раководство сега треба да води сметка за советодавните резултати од референдумот и тие треба да бидат дискутирани во македонскиот парламент“, изјави за грчката телевија „Антена“ Метју Нимиц, специјалниот пратеник на ОН, кој беше посредник во разговорите меѓу Скопје и Атина во обидите да се најде решение за спорот за името.
Медијаторот изразил верување дека политичкото раководството ќе преземе некои многу важни одлуки за иднината на земјата. Тој потенцирал дека Договорот од Преспа е најдобриот пат напред и за Македонија и Грција, но и за регионот, додавајќи дека „оние кои се противат на Договорот, не изгледа дека имаат алтернативно решение“.
„Мојот став е дека мора да обрнеме посебно внимание на луѓето кои гласаа и се изјаснија ‘за’. А ‘за’ се изјаснија 90 отсто од оние што гласаа“, нагласил Нимиц.
На прашањето – дали го очекувал овој резултат, Нимиц одговорил: „Верував дека Договорот има поддршка, и не правев никакви прогнози за резултатите“.
Пораки на поддршка
Со ист став се огласи и Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„Фактот што огромно мнозинство од тие што гласаа го поддржаа Преспанскиот договор е важен. Генералниот секретар ги повикува сите политички сили во земјата да продолжат со имплементација на Договорот во институциите на земјата. Генералниот секретар ја нагласува посветеноста на ОН да ја обезбеди потребната поддршка, ако е потребно“, се вели во изјавата на Гутереш.
Пораки да се искористи шансата стигнаа и од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие преку заедничко соопштение потенцираа дека Договорот создаде историска шанса Македонија да и се приклучи на трансатлантската заедница како еднаков член.
„Сега е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму. Одлуките кои ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нивната земја и нивниот народ за многу генерации. Ги охрабруваме да ја зграпчат оваа историска прилика“, се вели во зедничката изјава.
Нов обид за опструкции
Но, волјата на мнозинството кое се изјасни „за“ Договорот, не добива признание од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Христијан Мицкоски синоќа во интервју за ТВ „Алфа“ повтори дека Договорот не добил легитимитет на референдумот. Тој го смета Договорот со Грција за мртов и рече дека партијата е подготвена за вонредни избори кои ги најавува Заев „доколку не блефира“, но потенцираше дека претходно треба да се завршат некои работи: оставка на државниот јавен обвинител и избор на нов по предлог на опозицијата, да се формира Анкетна Комисија во Собранието која ќе ги истражи сите сомнителни работи околу референдумот, па дури потоа да се формира пржинска влада која ќе функционира 100 дена пред избори.
Во ваквите барање, аналитичарите препознаваат нов обид на опозицијата со дополнителни условувања да го опструира процесот и Договорот, чие спроведување е врзано со конкретни временски рамки. Најголемиот дел од нив не веруваат дека власта ќе наиде на поддршка кај опозицијата за уставни измени, и сметаат дека вонредните избори се неизбежни. Вицепремиерот Бујар Османи, вели дека прво треба да се исцрпат сите можности за да се добие двотретинска поддршка во Собранието, а потоа да се разгледуваат други варијанти.
„Бројката од 606.000 гласови ‘за’ им дава целосен легитимитет на институциите да продолжат со имплементација на обврските од овој меѓународен договор“, рече Османи.
Коѕијас верува во успех
Исходот од оваа критична недела во Македонија, со интерес се следи во Грција. Резултатите од референдумот беа тема и на грчката државна телевизија (ЕРТ) каде гостувал министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас.
„Имавме информации од Владата на Скопје дека учеството ќе биде помеѓу 40 и 45 отсто. Ние, од своја страна, очекувавме околу 41 отсто, но беа пониски од тоа“, изјавил Коѕијас.
Тој искажал увреност дека Договорот ќе стигне до грчкиот парламент во март и дека ќе биде ратификуван и од грчкиот законодавен дом.
„Ние сме сериозна влада. Направивме преговори затоа што имавме сериозна загриженост за влијанието на трети сили на Балканот кои историски не се пријателски за нас. Ние сме сериозна влада и сериозно преговараме“, изјавил Коѕијас, додавајќи дека Договорот ќе има поддршка во грчкиот парламент „и со повеќе од 151 глас“.