Пациентите со онколошки заболувања од повеќе видови рак, првпат ќе се лекуваат со биолошка и таргетирана терапија

Во 2018 година во Македонија се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца и 3.122 лица на возраст од 60 до 70 години. За овие пациенти тогаш беше достапна само традиционалната терапија и нивното лечење се сведуваше на оперативно третирање, хемотерапија и радиотерапија. Така, по првичното дијагностицирање на канцер, 62,77% од пациентите биле лекувани со оперативен третман, додека 63,25% биле подложени на хемотерапија, а радиотерапија примале 22,65%. Додека најмал е процентот на оние што биле третирани со биолошка терапија 1,45%.

Многу нискиот процент на пациенти третирани со биолошка или имунолошка терапија се должи на тоа што оваа терапија тогаш не беше достапна во Македонија, а лекувањето во странство е премногу скапо. За разлика од претходно, од оваа година за пациентите со онколошки заболувања биолошките лекови се достапни за сите пациенти.

Следејќи ги новите тераписки тенденции, засновани на последните научни достигнување во третманот на онколошките заболувања, на Клиниката за онкологија и радиотерапија се достапни иновативните биолошки лекови за онколошките заболувања. Преку централизирана набавка за следните 2 години обезбедени се 30 молекули биолошка терапија.

Пациентите со онколошки заболувања од повеќе видови рак, првпат ќе се лекуваат со биолошка и таргетирана терапија. На клиниката достапни се лекови за белодробен карцином, таргетирана и имунотерапија, лекови за повеќе типови рак на дојка (HER2+, хормон позитивен и хормон негативен), метастатски меланом, (BRAF позитивен и за BRAF негативен), колоректален карцином, гинеколошки малигнитети, карцином на бубрег и други.

Биолошки е секој лек што како активна супстанција содржи биолошка или супстанција добиена со постапка што вклучува биолошки системи. Биолошки материјал е секоја супстанција добиена од или со употреба на биолошки извор и за која е потребно комбинација од физичко-хемиски и биолошки испитувања за постигнување квалитет, заедно со постапката за изработка и надзор над нив. Тоа се, на пример, лекови изработени со биолошка или биотехнолошка постапка, вклучително и култури на клетки и рекомбинантна ДНК технологија, лекови од крв и плазма, имунолошки лекови и слично.

Биолошките лекови се користат во третманот на пациенти со сериозни болести како што се рак и воспалителни заболувања. Како комплексни лекови нивниот развој е многу скап и одзема многу време. Ова ја ограничува достапноста за пациентите на овие лекови и го отежнува здравствениот систем да ги направи достапни. Затоа, воведувањето на биолошката терапија на Клиниката за онкологија значи и заштеда на средствата од лекувањето на пациентите во странство.

Како и сите лекови, биолошките, мора да се користат соодветно. Пациентите може да имаат различни прашања за тоа како да го примаат лекот и какви било мерки на претпазливост или ограничувања што треба да ги земат предвид за време на третманот. Одговорите на овие прашања зависат од специфичниот лек што е препишан и медицинската состојба и конкретната болест.

Важно за пациентите што се лекуваат со биолошка терапија е да ги добијат од својот лекар сите потребни информации за лекот, треба да се води евиденција за тоа какви лекови се препишани и самите пациенти да бидат вклучени во одлуките за текот на лекувањето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e