Оставка на грчкиот министер Коѕијас поради кавга околу договорот со Македонија

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас денеска поднесол оставка, која е прифатена од грчкиот премиер, потврди кабинетот на Алексис Ципрас.

Во потврдата на прифатената оставка на Никос Коѕијас, од кабинетот на Алексис Ципрас стои и дека грчкиот премиер  ќе ги преземе работите на досегашниот шеф на дипломатијата.

Претходно министерот Коѕијас, според информации кои не се директно потврдени, на владина седница имал жестока кавга со деснопопулистичкиот министер за одбрана, Панос Каменос поради постигнатиот договор меѓу Атина и Скопје заради решавање на деценискиот спор околу името Македонија. Атинските медиуми, повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи, јавуваат дека Коѕијас притоа не добил доволно поддршка од Ципрас, поради што решил да се повлече од функцијата.

Весникот „Катимерини“ пишува дека Каменос за време на владината седница го обвинил Коѕијас за трошење тајни пари од Министерството и дека е човек на американскиот милијардер Џорџ Сорос. Коѕијас бил длабоко навреден од овие обвинувања. Во твит по оставката Коѕјас напиша дека Ципрас и повеќе министри „решиле кого ќе го следат“, пред да го цитира грчкиот поет Динос Христианопулос: „Направија сѐ за да ме закопаат, но забораваат – јас сум зрно семе.“

Коѕијас беше главен преговарач на Грција во разговорите со соседната држава кои резултираа во јуни со потпишување на Преспанскиот договор, според кој таа во иднина треба да го носи името Република Северна Македонија, а за возврат Грција ќе ја поддржи при влезот во ЕУ и НАТО.

Извор: ДВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e