Османи – При набавките не е згрешена ни запирка, Груевски со правен коментар

Како вицепремиер беше дел од владината делегација на прославата на 11-ти октомври во Куманово и веднаш до премиерот. Од синоќа, Бујар Османи е и осомничен во „Пациент“, истрага на СЈО. Целото име наместо иницијали, го соопшти специјалната обвинителка Катица Јанева во јавен настап, а потоа и во соопштение. Го товари дека како поранешен министер за здравство, заедно со уште 18 други лица потпишувале незаконски набавки за изградба на здравствени објекти. Османи вели дека не е виновен и очекува побрза истрага за да се утврди дека при набавките „не е згрешена ни запирка“.

И додека опозицијата обвинува за политички прогон и притисок пред уставните измени, премиерот вели дека ќе ја почитува презумпцијата на невиност одговарајќи на прашање, дали ќе го смени Османи од вицепремиер.

Екс премиерот Никола Груевски е дел од две нови истраги на СЈО, осомничен е во случајот „Пропаганда“, дека со државни пари влијаел врз јавното мислење на повеќе медиуми, така што тие добивале пари за пропагандни владини кампањи. Во случајот „Хармонија“, Груевски е осомничен за ефтина продажба на државно земјиште преку нелегален тендер. Груевски преку фејсбук ги отфрли сите обвинувања, не само за него туку и за своите соработници во шесте нови истраги, нарекувајќи го СЈО „класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици и што подолго одржување на власт на СДСМ“. За случајот „Пропаганда“ и делењето околу 30 милиона евра народни пари за медиумско рекламирање, Груевски смета дека го оправдале вложеното со инвестиции и туристички развој.

„Никакви државни средства не биле незаконски префрлани на наводни превземени медиуми. ВМРО-ДПМНЕ ниту имало ниту поседувало медиуми. Владините кампањи дадоа одлични резултати во времето кога се емитуваа или реемитуваа и ја остварија нивната примарна цел: да влијаат на свеста на граѓаните за подобрување на некои лоши состојби, лошо или штетно општо прифатено однесување и обичаи, да информираат за многу можности“, напиша поранешниот премиер.

Реакцијата на Груевски доаѓа и по вчерашната најава на специјалната обвинителка, која во интервју синоќа најави дека тој многу бргу ќе треба да оди во затвор за казната во случајот „Тенк“.

Осомничен за набавката на двокатните автобуси и штета од 5 милиони евра е актулниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој денеска не коментираше туку го честиташе празникот преку фејсбук. Миле Јанакиески е осомничен во две истраги, а првпат на листата осомничени се најде и екс министерот за финансии Зоран Ставревски.

Извор: Телма

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e