НЕДЕЛНА АНАЛИЗА на “Цивил”: Пред одлуката за вонредните избори, Македонија уште позадолжена!

Уште 10 дена остануваат до лидерската средба Груевски-Заев-Ахмети-Тачи, кога, по ревизијата на оствареното од Договорот од Пржино, се очекува да го одредат датумот на вонредните парламентарни избори, коишто треба да стават крај на политичката криза во Македонија, што трае со години.

Во меѓувреме, додека расте неизвесноста кај граѓан(к)ите дали ќе се избере датум за избори, расте и задолженоста на државата. Ниту евро-обврзницата од 450 милиони евра, не може да ги покрие расходите на власта. Па сега, буџетскиот дефицит во БДП се продлабочи на 4 отсто. Со ребалансот на буџетот, којшто е веќе испратен во парламентот, на семејствата кои претрпеа големи штети ќе им се авансираат само по минимални 500 евра отштета. Владата пак го предлага вториот ребаланс, но никако да се откаже од „капиталните проекти“ -Панорамското тркало и Рајска градина вредни 33 милиони евра!

Граѓаните – поборници за модерна инфраструктура, а против квази-барокот, немоќни да ги сменат одлуките на власта, најавија протести на кејот на Вардар. Промените кои Владата ги предлага со новиот ребаланс, ги сметаат за крајно несолидарни, срамни и недржавнички, а ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат дека повторно „сака преку грбот на настраданите, да си обезбеди пари за изборни манипулации“.

fitch-ratings

Паѓа кредитниот рејтинг на Македонија

Според најновиот извештај на кредитната агенција „Фич“, од ББ+ кредитниот рејтинг на Македонија падна на ББ. И ова сè, поради последното јулско задолжување со евро-обврзницата, политичката криза, која почна од објавените скандали и обвинувања за корупција во власта во февруари минатата година. На падот на рејтингот влијаеле и повеќемесечните протести, неуспехот од пржинскиот Договор и пропаднатите предвремени парламентарни избори во април и јуни годинава. Но, и опструкциите коишто се прават во однос на работата на Специјалното Јавно обвинителство. И сега, логично е прашањето, како на држава во економска ренесанса, со перманентни инвестиции и вработувања, и паѓа кредитниот рејтинг?!

-5

Државната изборна комисија го пролонгира рокот за спорните гласачи

Оние 30.502  граѓани на листата спорни гласачи на Државната изборна комисија (ДИК), сепак, ќе може дополнително да се пријават. Иако рокот за пријавување измина  на 19-ти август, ДИК одлучи да го продолжи 15 дена по распишување на вонредните парламентарни избори, кога непријавените гласачи ќе може да го регулираат своето право на глас. Во ДИК се пријавиле само четвртина од спорните гласачи поточно 8.922 граѓани. Но, по заклучување на Избирачкиот список, непријавените гласачи ќе бидат избришани.

За СДСМ ревизијата на Избирачкиот список ги потврди тезите на опозицијата, дека во Република Македонија има фантомски гласачи, запишани во Избирачкиот список, коишто се злоупотребуваа за време на изборниот процес. Зашто, еве и по рокот за пријавување, се докажа дека околу 30 илјади избирачи коишто се наоѓаа на Избирачкиот список, не постојат.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, овие обвинувања се само „очајно лицитирање на раководството на СДСМ за бројот на фантоми, во Петата и Шестата Изборна единица, циркузијада со цел да се малтретираат граѓаните за да докажат дека не се фантоми“.

Но, реакциите на граѓаните во ЦИВИЛ продолжуваат. Се жалат дека и покрај пријавите не е извршена корекција на „фантомите“, а има и случаи кога лица поради одредени здравствени проблеми, не се пријавиле, зашто побарале како што тврдат, но не добиле адекватна интервенција од ДИК.

sjo

Специјалното Јавно обвинителство го забрза темпото

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, минатата недела најави дека ќе има зголемена фреквенција лица во Обвинителството, кои со своите сознанија ќе придонесат за разјаснување на околности во постапките, на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Поради тајноста на предистражната постапка, детали нема да се откриваат.

„Секој, кој го прекршил законот треба да одговара, дури и ако тоа значи дека ќе го растресеме целиот политички систем“, порача СЈО.

Темпото на работа е навистина побрзо, но судските разврски засега се далеку. Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, го продолжи куќниот притвор на битолскиот градоначалник, Владимир Талески за нови 30 дена, за случајот „Транспортер“. Тоа што Талески, од дома потпишува документи е исто така, битно прашање.

Распитот за случајот „Тврдина“ е одложен, зашто ексминистерката Гордана Јанкуловска, која е осомничена за незаконско уништување опрема, побара увид во доказите.

Три часа траеше распитот на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за случајот со демолирање на Општината во 2013 година. Тој на Груевски му порача дека наскоро ќе се пресметаат на суд.

Во СЈО, во улога на сведоци сега треба да се појават Мендух Тачи, лидерот на ДПА и лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимовски.

А, предметот „Шпион“, наместо во СЈО, се уште се наоѓа во Советот на јавни обвинители. СЈО веќе има воспоставено надлежност за случајот, а на почетокот на месецов го побара предметот и против новинарот Зоран Божиновски, кој е дел од случајот.

 Ад-хок телото во фаза на формирање

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) обвинува дека новинарот Зоран Божиновски (осомничен во случајот „Шпион“) намерно се држи во притвор, „со цел да не објави нови скандали за власта во предизборниот период“. Од ЗНМ сметаат дека Јавното Обвинителство вака купува време, бидејќи нема цврсти докази против Божиновски.

Еснафската асоцијација, смета дека ад-хок телото кое во овој период е во фаза на формирање, нема капацитет да се избори со сите аномалии во медиумската сфера. Но, членови на ад-хок телото, се подготвени на „пресингот“ што ги очекува, ама ветуваат  принципиелна работа, мониторинг за објективна и балансирана изборната трка на политичките ривали на медиумското поле. Фронтот на објективното новинарство во МТВ, ќе го брани новиот главен уредник, којшто наскоро треба да биде именуван од опозицијата.

ivanov

Иванов со критички дискурс на Денот на АРМ

Претседателот Ѓорге Иванов, во улога на Врховен командант на вооружените сили, во својот говор на одбележувањето на Денот на АРМ, ја потенцираше довербата кон АРМ и нејзините заложби во справување со поплавите.

Но, и малата критика што ја упати до надлежните државни институции кои многу поподготвено требаше да интервенираат во поплавите, ги „разбуди острите јазици“ на провладините портали. Тие го потсетија Иванов дека на власт дошол „со гласови помогнати од ВМРО-ДПМНЕ“, потврдувајќи со тоа дека власта ни од најблиските членови и функционери не прима ни укажувања, ниту сопствен став за одредена состојба. Но, според одредени експертски анализи овие „критики“ на Иванов, не се ни малку насочени против, туку се само дел од владината стратегија за односи со јавност.

Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e