Под мотото „Вкуси го животот, вкуси ја традицијата“ денеска пред езерцето во скопскиот Градски парк се одржа Првиот национален саем за храна и пијалаци во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Повеќе од 200 производители од над 40 локални здруженија го презентираа македонското земјоделство и гастрономија.
На просторот во Градски парк, на штандовите се подготвуваше вкусна традиционална храна од познати готвачи, а имаше и детско катче, со цел на децата одблизу да им се претстават домашните земјоделски произвоиди, храна и пијалаци.
-Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни, рече премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на саемот.
Тој нагласи дека на нашата македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации кои создале многу уникатни и колоритни превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција.
– Сето ова кое денес го гледаме и кое ќе имаме можност да го вкусиме, сето ова ние имаме неверојатна можност да ни е секојдневие, и за тоа, сме исклучително благодарни. Јас знам, дека јас сум благодарен. Ова богатство го нема никаде на друго место во светот, рече Ковачевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека денешниот саем е пред се, саем на македонските производи, на македонската храна и на македонската традиција.
-Би сакал преку денешниов саем – „Вкуси ја традицијата”, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект, рече Николовски.
Нагласи дека годинава Министерството поддржа 50 различни манифестации и саеми дома и 15 надвор од државата.