Медиумите сами одлучуваат како ќе известуваат, евентуалните недоразбирања со Владата да ги решат преку дијалог

Владата се надеава на добра соработка со медиумите особено во овој предизборен период, а доколку има недоразбирање меѓу нив тоа треба да се реши преку дијалог и консултации.

Ова го истакнаа вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски, одговорајќи на новинарски прашања на денешната прес-конфернеција во врска со бојкот на медиумите на активностите на владините функционери.

-Официјално дали постои бојкот не можеме да кажеме бидејќи нема таква најава, ниту изјава од страна на медиумите. Доколку постојат одредени недоразбирања помеѓу Владата и медиумите треба да си ги решат во дијалог. Ние ниту сме информирани, ниту пак имаме какви било сознанија дека има недоразбирања меѓу Владата и медиумите за да можеме да реагираме, ниту имаме законска надлежност да бидеме посредници во таквите односи. Се надеваме дека медиумите ќе ја препознаат својата значајна јавна улога во општеството и не само во следниот период, туку континуирано ќе бидат оние кои ќе се грижат за граѓаните да бидат информирани за сите активности не само на Владата, туку за сите случувања во општеството, изјави Трајчевски одговорајќи на новинарско прашање денеска на заедничка прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој беше во посета на Агенцијата.

Потенцира дека за ваквата состоја нема санкции од страна на АВМУ и дека Агенцијата не може, ниту пак Владата може да биде урдник на кој било медиум.

-Самите медиуми одлучуваат за своите уредувачки активности. Она што се наведе во текот на вчерашниот ден од неколку електорнски портали дека има наводен бојкот од страна на медиумите е засега само непотврдена информација која не можеме да кажеме дека е факт. Бидејќи веќе вчера медиумите известија за новата опрема во торакална хирургија, немаше изјава од техничкиот премиер и од министерот за здравство кој седеше во позадина, но граѓаните беа информирани за соодветната активност, појасни Трајчевски.

Според Османи, прашање на медиумите е како ќе известуваат и дали ќе присуствуваат на активностите, но потенцира дека Владата се обидува максимално да биде во коректни односи со медиумите и со регулаторот.

-Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел, меѓутоа не би сакал како претставник на Владата да се мешам во медиумите да дадат од тоа што го правиме ние како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, меѓутоа нивно е правото како ќе ги претсставуваат тие настани. Се надеваме на добра соработка особено во овој предизборен период кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука за наредниот мандат, изјави Османи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e