Ковачевски: Дијалогот е единствено решение за проблемите, тоа го покажува и договорот со СОНК

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави договорот што го постигнаа СОНК и МОН, посочувајќи притоа дека дијалогот е решение за сите проблеми и предизвици. Со овој договор, потенцира Ковачевски, Владата уште еднаш покажа дека е на страната на работниците.

– Веднаш штом од СОНК беа доставени барањата до Владата, ние отворивме процес на дијалог со Синдикатот, при што јас и јавно истакнав дека единствен начин да се постигне договор помеѓу работниците, претставени преку синдикатите и Владата е преку социјален дијалог и не отстапивме од тоа. Иако СОНК донесе одлука да оди на штрајк тој дијалог не беше прекинат, истана Ковачевски во одговор на прашање на МИА.

Премиерот потенцира дека овој случја потврди дека нашата држава има институции и има законски решенија коишто овозможуваат и без штрајк, со посредство на Законот за посредување и со ангажирање на посредник помеѓу МОН и СОНК и низ разговори, да се дојде до договор.

Тој нагласи дека сега има историско зголемување на платите во образовниот сектор за 15 проценти, што заедно со покачувањето во изминатите години од 21 процент, изнесува кумулативни над 36 отсто.

– Досега не се случило да има толкаво покачување на платата на просветните работници. Тие тоа го заслужуваат. Заслужуваат зголемување на платите. Затоа и уште една точка која што е договорено помеѓу МОН и СОНК е воведување на методологија за пораст на платите во 2023 година и исто така учество на синдикатот задно со Министерството, заедно со други министерства во реформите кои мора да следуваат во јавниот сектор и коишто веќе практично се отпочнати и коишто ќе значат и унапредување на образовниот процес, унапредување на условите за работа на наставниците и студентите и секако постигнување на подобри резултати за нашите ученици, коишто се мерат според меѓународни мерења, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот најави дека следува и изработка на методолгијата, како и разговори со репрезентативниот синдикат и со други синдикати во однос на реформите кои следуваат и во однос на воведување на една комплетна методологија на раст на платите согласно со коефициенти за раст на трошоците, меѓутоа и согласно со коефициенти за зголемување на продуктивноста и услугите што се даваат на граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e