Кои се браќата Михаил и Стефан Младеновски: Лицата кои открија детали за упадот во Собрание

Браќата Стефан и Михаил Младеновски се првите обвинети за случајот „27 април“, кои пред јавноста и судот обелоденија детали за тоа кој го организирал влегувањето во Собранието. Иако тие двајца маскирани влегоа во Собрание, пред судот рекоа дека ќе ја кажат нивната вистина и ќе кажат факти кои би оделе во нивна корист, но и на нивна штета.

Според нивните сведочења, упадот бил планиран, сите насоки ги давал Александар Василевски-Нинџа, кој во јавноста е познат како близок соработник од подземјето на поранешната власт, а организатори на крвавиот четврток биле поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и негови блиски соработници, меѓу кои беше споменат и разузнавачот Никола Бошкоски кој е во бегство.

Стефан Младеновски е познат по прекарот Кобра и неговото име не се поврзува со политиката, но неговиот брат Михаил Младеновски е активен во политичкиот живот од 2007 година, пишува весникот НЕЗАВИСЕН.

Пред повеќе од десет години, една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, Михаил Младеновски ги организираше протестите против државната матура. Иако тогаш тврдеше дека зад протестите не стои ниту една политичка партија, Младеновски стана генерален секретар на СДММ, подмладокот на СДСМ. Но потоа почна протести против партијата од која произлезе, конкретно против поранешниот претседател на партијата, Бранко Црвенковски. Го обвини дека бил нападнат од лица кои биле блиски до Црвенковски, односно пријави дека го претепал командант Коки.

Беше на чело на невладината „Младинска организација за демократска иднина“, која протестираше против Црвенковски пред седиштето на СДСМ. Во 2013 година најави дека на претстојните локални избори ќе настапат со независни кандидатски листи, незадоволни од последните одлуки на СДСМ. Преку акција насловена „Денар за Бранко“ сакаше да покаже дека на Црвенковски му се важни само моќта и парите. Неговите поранешни соработници објавија фотографија во јавноста на која се гледа дека Михаил седи на кафе со функционери на ВМРО-ДПМНЕ заедно со синот на Сашо Мијалков и го обвинија дека соработувал со Унијата на млади сили на ВМРО–ДПМНЕ.

Бргу потоа премина во ВМРО-ДПМНЕ и ги бранеше политиките на поранешната власт и ги обвинуваше за насилни сценарија неговите поранешни соработници. Неговото име беше споменато и во „бомбите“ во разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот шеф на УБК, Мијалков. Во разговорот Јанакиески му кажува на Мијалков дека добил информација од Михаил дека поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, го повикал на средба.

Самиот Михаил му предложил на Јанакиески да влезе кај него озвучен и да почне да зборува со него за пари, за да го испровоцира. Тогашните опозициски портали пишуваа дека Стефан и Михаил Младеновски се во бандата на Нинџа и дека поранешниот шеф на УБК, Мијалков, ги користи за пресметка со политичките неистомисленици.

Во своите сведочења браќата кажаа дека со Нинџа се познавале од поодамна и дека со него се среќавале често и добивале насоки, а упадот во Собрание се планирал од поодамна. Сепак, во своето сведочење не го споменаа името на Мијалков и на поранешниот премиер Никола Груевски, туку го обвинија тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој беше поставен на чело на УБК по оставката на Мијалков. Атанасовски ќе остане запаметен по историското „отвори, отвори“ на специјалната обвинителка Катица Јанева, на која не ѝ дозволуваше да влезе во тајната полиција и да земе податоци од системите за прислушување.

Целиот текст на НЕЗАВИСЕН.мк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e