Ќе има ли лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски за излез од политичкиот ќор сокак?!

Виси во воздух лидерската средба меѓу Заев и Мицкоски. Засега како да не се слушаат повиците на дел од пратениците, двајцата лидери да седнат на заедничка маса и да најдат решение за уставните измени. Извори од опозицијата за 1 ТВ велат дека до сега во партиското седиште не стигнала официјална покана за средба меѓу Заев и Мицкоски. Премиерот вчера изрази подготвеност за средба со неговиот најголем политички опонент, но таква изјава се уште не може да се слушне од Мицкоски.

– Подготвен сум да седнам со сите, вклучително и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со секого, за да можеме да изградиме национален консензус по ова прашање, изјави премиерот Заев.

Во интервју за Дојче Веле, шефот на опозицијата вели дека со премиерот може да констатираат само дека договорот со Грција е мртов, и како што вели секое понатамошно силување на овој процес ќе резултира со дополнителни тензии и поларизација во општеството.

– Владата е таа што го режираше, спроведе и урниса процесот. Затоа, единствен кој треба да понесе одговорност е Зоран Заев. Влезе авантуристички, самобендисано, надмено, без да подготви амбиент, прифати нешто што на никого претходно не му паднало на памет да прифати, и огромното мнозинство граѓани во двете земји си го кажаа своето мислење. Во Македонија имаме катастрофален референдум, а во соседна Грција имаме над 70% од граѓаните кои не го прифаќаат Договорот, вели Мицкоски.

Потврда за тоа дека во овие моменти потребно е да се изгради национален консензус во кој ќе биде вклучена и опозицијата, пристигна и од владата од каде велат дека работата е премногу сериозна.

– Премиерот Заев е трет ден во Собранието. Сите пораки се кристално и јасно искажани од собраниската говорница. Потребно е да се изгради национален консензус бидејќи како што вели и премиерот пресериозна е работата. Амандманите ќе ги прави Владата и најдобро е да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус во духот на Договорот од Преспа, изјави Бошњаковски.

Бошњаковски го коментираше и писмото испратено од помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Вес Мичел, до ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека писмото јасно и недвосмислено го детектира проблемот. Во него Мичел вели дека се разочарани од постапките на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред и по референдумот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e