Казните за возење под дејство на алкохол и брзо возење нема да се намалуваат

Министерството за внатрешни работи го усогласува Законот за безбедност на сообраќај на патиштата со новиот Закон за прекршоци, кое ќе донесе намалување на висината на дел од казните за прекршоци во сообраќајот, ветување кое министерот Оливер Спасовски го даде на една од средбите со граѓани, пишува Локално.

Од министерството за Локално велат дека намалувањето нема да важи за сите прекршоци. Помали казни не се предвидени за тешки прекршоци, кои како што велат од МВР, се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици.

„За тешките прекршоци, како што се возењето под дејство на алкохол, возењето со поголема брзина од дозволената, недавање на првенство на минување, висината на казните останува иста. Дополнително, ќе се изрекува санкција „престанок на важење на возачка дозвола“ за возачи кои почесто се јавуваат во улога на сторители на посериозни прекршоци во сообраќајот, кои се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици односно во период од пет години два пати им е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило“, велат од МВР за Локално.

Од таму појаснуваат дека временото одземање на возило за сега е предвидено за возилата кои предизвикуваат голема бучава и го нарушуваат мирот на граѓаните, но и возилата кои  учествуваат во сообраќајот, а се со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола од шест или повеќе месеци.

Министерот Оливер Спасовски на трибината на СДСМ во Кичево рече дека намалувањето го ветиле на граѓаните и дека ќе го остварат тој проект.

„Ако е проблем што враќаме повеќе пари кај граѓаните, да ве информирам дека наредната недела ќе доставам до Владата предлог во кој ќе се направат измени во законските решенија и со тоа ќе ги намалиме сите казни за сообраќајните прекршоци. Тоа беше нешто што го ветувавме, нешто што беше дел од проектите и тоа ќе го реализираме“, рече министерот Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e