Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сегашен пратеник, Никола Груевски, по одлуката на Апелацискиот суд во Скопје со која се потврдува пресудата на Основниот суд Скопје 1 за казна затвор од 2 години, рано утрово, во 3:13 се обрати преку својата Фејсбук страница. Неговата објава ви ја пренесуваме во целост:
ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде уценето. Ако ВМРО-ДПМНЕ е уценето, уценета е и Македонија.
Кога ВМРО-ДПМНЕ е на колена, на колена е и Македонија. Но, и кога ВМРО-ДПМНЕ е силно и исправено, исправена и силна е и Македонија.
Бидејки ВМРО-ДПМНЕ е “последниот меч” на одбранта на државните и националните интереси на Македонија.
Иако верувам дека и без ова мое предупредување ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи спротивното, сепак, сакам да испратам еден проглас до мојата партија, а во врска со политичкиот прогон против мене и политички мотивираната и диригираната пресуда против мене објавена деновиве од апелциониот (читај: политичкиот) суд во Скопје, поврзана со набавката на безбедносно заштитено возило пред 6 години.
Доколку од Вас, било кој и на било кој начин, бара да направите и најмала остапка која би била на штета на државните и националните интереси, ставајќи го тоа во корелација со запирање или ублажување на политичкиот прогон против мене, како долгогодишен водач на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство и како нејзин почесен претседател и актуелен пратеник, Ве молам без размислување, без ни малку колебање, одлучно да го отфрлите таквиот непристоен предлог.
Кога во 2003-тата одлучив да го превземам кормилото на ВМРО-ДПМНЕ бев целосно свесен како на предизвикот и честа, така и на ризиците да се биде на чело на оваа партија и организација, која е главен носител и бранител на македонизмот, суверенизмот на земјата, браник на интересите на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во неа.
Над нас натежнаа тешки облаци и предизвици. Треба да се справиме со тоа и секогаш на прво место да ни биде општиот и заеднички интерес на нашата држава, нашиот народ и нација.
Индивидуалните и лични предизвици и ризици, несмеат да го доведат во прашање претходното.
ВМРО-ДПМНЕ мора да носи одлуки кои се најдобри и најисправни за Република Македонија, македонската нација и сите граѓани на Република Македонија.
И се разбира да остане заедно со народот и во најтешкото.
Јас и мојата судбина, политичкиот прогон против мене, изживувањето и “лечењето“ лични фрустрации и суети со прогонот и малтретирањето на мене, етикетирањето без основ до ниво на жигосување, казнувањето без вина, сето тоа е второстепено и јас тоа ќе го истрпам, ќе го издржам, ќе се справувам и ќе се борам колку што можам, со целосна подготвеност за плаќање на цената за тоа, независно дали таа се однесува на моето достоинство и углед, на мојата слобода или на мојот живот.
Знам дека моите деца независно колку денес на оваа возраст го разбираат сето тоа, кога ќе пораснат и самостојно ќе расудуваат, кога ќе научат и проучат за нашата борба и идеали, дека правилно ќе разберат се, вклучувајки ги сите последици кои ги трпат и ќе ги трпат.
И знам дека нашиот народ одамна знае дека и јас и ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе од сегашната власт и сакаме и работевме Македонија да се приклучи на НАТО и ЕУ, но истовремено се боревме тоа да биде постигнато на достоинствен начин.
За мене е важно дека како водач на ВМРО, речиси 15 години, дадов се што е во моја моќ до последен атом, се за да помогнам Македонија да оди напред, и народот да има подобар живот. И таа моја мисија ја извршив чесно, одговорно и достоинствено.
Затоа денес со крената глава и чист образ се движам насекаде низ Македонија а мнозинството од мојот народ го почитува мојот вложен труд и секојдневно движејки се слободно низ градовите и меѓу народот, насекаде, убедливото мнозинство граѓани, спротивно на безбројните потплатени негативни натписи и прилози против мене, на медиумите контролирани од актуелната власт, ми изразува почит и благодарност. Ништо повеќе и не очекувам од тоа.
Ова има уште поголемо значење кога ќе се каже дека веќе со години сум предмет на досега невидена во нашата историја платена и организирана валкана пропаганда за мое оцрнување, деградирање, понижување и жигосување. Две и пол години одкако не сум премиер, скоро една година одкога сум речиси целосно политички пасивен, се плашат да запрат со медиумската хајка против мене, која само е покритие на организираната политичко судска кампања против мене. Попусто им е. Неможат да ме скршат. И нема да ме скршат.
Ќе им порачам: на власт се доаѓа и се заминува. Во затвор се влегува и се излегува. Пари се заработуваат и се трошат. Политичка подршка се добива и се губи. Мандати почнуваат и завршуваат. Но, достоинството кога се губи, се губи засекогаш. Тоа го губат тие кои полни со омрза ме прогонуваат и неможат да се помират дека неможат да ме скршат, иако пробаа се, буквално се’. Бесни се, ќе им дојде крајот.
Нив само ќе ги потсетам на една мисла на македонскиот великан Гоце Делчев:
“Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предаствата на своите синови-изроди, отколку македонскиот. Историјта не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротини страни, една од друга потуѓи.“
Иднината им припаѓа на оние кои најдолго и најдалеку се сеќаваат на минатото. (Ф.Ниче)
На власт се, и формално гледано се над другите, а всушност во очите на мнозинството народ се подолу и од мене и од мнозинството македонски граѓани. И тоа ги боли, ги излудува.
И кога, дури и фигуративно кажано, плукаат кон некого нагоре, некој кој е над нив, колку повеќе плукаат, толку повеќе нивната плуканка која ја плукаат нагоре, се враќа и паѓа врз нивниот образ и чело. Низ мислите на Ф.Ниче, ќе им порачам: “воздржете се од плукање против ветрот“.
Мојата жртва, со овие смешни и фабрикувани обвиненија кои имаат политичка цел и основа, со отворени случаи без никакви докази – законски или незаконски прибавувани, со политички диригираните пресуди со затворски казни на нервозниот, опиен од моќта, разгневен и веќе изгубен противник, со нарачаните фабрикувани медиумски извештаи, со сите платеници платени да ме жигосуваат, сето тоа е ништо во однос на големите жртви кои се дадени за слободата и независноста на нашата татковина низ историјата наназад.
Јас сум ништожен и беззначаен во однос на илјадниците жртви дадени за делото и каузата за која со генерации македонските патриоти и маченици пред кои стојам мирно и се поклонувам, се бореа, гинеа, страдаа, беа затворани, понижувани и угнетувани.
Затоа, главата горе мои сопартијци и чесни Македонци. И не заборавајте: ќе ги победиме!!!
За крај, ќе завршам со еден цитат од писмото од 14-ти август, 1924 година, испратено од Тодор Александров до Александар Протогеров, каде својата патриотска дејност и долг кон татковината, легендарниот водач на ВМРО му ја изложил на својот близок соработник и соборец во неколку реченици:
“Јас не сум сторил ништо повеќе од совесно исполнување на својот долг; не за некаква слава – што јас со години ја поднесувам со најтежок и ризичен живот – отколку сите другари… Како заклучок ќе ти кажам: како и досега, така и во иднина, во сите свои дејства сум се раководел и ќе се раководам единствено само од интересите на ВМРО“.
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!!!
Да живее Република Македонија!!!