Жбогар доаѓа во Крива Паланка на одбележувањето на 9-ти мај

Со голем број активности и пригодни манифестации Крива Паланка во среда ќе се вклучи во одбележувањето на Денот на Европа, кој се прославува ширум Стариот континент. Всушност на 9-ти мај Европа празнува два значајни настана, Шумановата декларација од 1950-та година, која се смета за основата на денешната Европска унија, како и Денот на победата против фашизмот од 1945-та година.

Прославата ќе се одвива во два дела и тоа:

  • Хепенинг по повод Денот на Европа кој традиционално ќе се одржи на градскиот плоштад со почеток во 14.30 часот и
  • Музичко – поетска вечер под мотото „Место каде минатото се сретнува со иднината“ кое ќе се одржи на платото пред манастирот Св. Јоаким Осоговски со почеток во 19.00 часот.

На хепенингот поздравни обраќања ќе имаат градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и амбасадорот на ЕУ во РМ, Самуел Жбогар.

samuel-zbogar-

Хепенингот на кој учество ќе земат учениците од образовните установи во градот ќе се одвива во три дела и тоа изложба на промотивни материјали на четири  пулта со многубројни интерактивни работилници, ликовен хепенинг и организирана музичка програма на која со свои изведби ќе настапат младите музички имиња од градот и културно-уметничките друштва од градот.

Годинава кривопаланчани ќе имаат можност одблиску да се запознаат со културата, традицијата и главните знаменитости на 4 држави членки на ЕУ и тоа: Словенија, Полска, Унгарија  и  Франција.

9may-750x406

На музичко поетската вечер, што ќе се одржи пред кривопаланечкиот манастир ќе настапат бројни музичари и уметници.

Преку   живиот  збор на поетите, гудалото на виолината и виолончелото, жиците на гитарата, милозвучната песна на флејтата, грлото на расепеаните кривопаланчани, елегијата на етно и староградската песна и сето тоа вткаено во прекрасниот  пејсажен амбиент на десетвековното духовно, културно-историско и градителско наследство на нашиот заштитник и патрон Св.Јоаким Осоговски ќе се одбележи денот на европскиот идентитет и заложбата за заедништво на сите народи на стариот континент,се вели во поканата од општина Крива Паланка.

Локалната самоуправа како организатор на манифестацијата упати отворена покана до граѓаните да се вклучат во одбележувањето на големата европска идеја за единство, приврзаност, взаемно почитување и заеднички вредности.

Република Македонија веќе неколку години е кандидат за членство во европското семејство на народи и подготвено чека да ги почне преговорите за прием, воедно Унијата ужива висока доверба кај македонските граѓани, што недвојбено укажува на тоа дека интеграцијата во ЕУ е целта кон која се стремат сите од ова тло.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e