Министерството за труд и социјална политика во соработка со УНИЦЕФ ја започна кампањата „На секое дете му треба семејство“, која денес се промовираше во општина Крива Паланка, а која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа, односно деинституционализација на поголемите државни центри за заштита на деца без родители и родителска грижа.
Градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски ги поздрави претставниците на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, како и прусутните граѓани и изрази голема и безрезервна поддршка на кампањата „На секое дете му треба семејство“ .
Семејството како основна структурна единица, меѓудругото претставува и основен агенс во процесот на социјализацијата на децата и оттука и непостои соодветна замена за топлината, емоционалната поддршка и сигурност, која што може да ја пружи само семејството, а која што е клучна за павилен психо-физички развој на децата, изјави пред присутните градоначалникот Мицевски.
На крајот од своето обраќање градоначалникот Мицевски ги повика сите граѓани да се придружат кон иницијативата, да станат згрижувачи на деца без родителии и на тој начин да обезбедат, не само подобра иднина за децата, туку и за себе и за својата заедница.
Целта на кампањата е да се поттикне поддршка за алтернативна грижа за децата, наспроти сместувањето во големи институции и да даде поддршка, да се стави крај на сместувањето деца помали од три години во големи институции до 2020 година.
Се планира да преку процесот на деинституционализацијата, до 2020 година сите деца на возраст од 0 до 3 години, да бидат извлечени од институциите и да бидат сместени во мали групни домови, згрижувачки семејства или друга форма на соодветно сместување.
Во моментот над двеста деца – бебиња помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство – се згрижени во големи институции во Р.Македонија
Претставникот од МТСП рече дека, во текот на наредниот период ќе се организираат отворени денови во триесет града преку локалната самоуправа, центрите за социјална работа и СОС Детско село, за да им се даде на граѓаните низ целата земја можност, да дознаат повеќе и да станат згрижувачки семејства.Заинтересираните граѓани за повеќе информации може да се обратат во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Крива Паланка.