Ужасни сцени по пожарот во Велес: За најмалото дете пожарникарите помислиле дека е кукла

Марина Антониевска и Никола Давчевски, родители на трите деца кои изгореа во пожарот во Велес, како и постариот син Стефан, ноќта ја поминале во пожарната зграда во градот. Хуманитарката Ленче Здравкин веднаш штом слушнала за случајот притрчала на помош. На семејството му однела средства за хигиена, крпи, облека…

-Се враќав од Скопје, кога дознав за трагедијата. Веднаш се упатив кон зградата на пожарната служба. Цела ноќ ја минав таму, еве дури денес на пладне се вратив дома. Однесов се што им беше потребно на родителите и на седумнаесет годишното момче, се враќав до дома дури три пати, бидејќи не знаев колкави се луѓето, каква облека ќе им треба. После шокот кој што го доживеале, им беше ладно, им однесов и облека на долги ракави, сапуни, шампони. Од ресторан синоќа им донесоа храна, паштети и пупки, јас утринава им однесов појадок. Сместени се во пристојна просторија, имаат кревети, бања – раскажува Здравкин.

Трагедијата која што се случи вчера ја потресе целата јавност. Луѓето се прашуваат како се дозволило деца да живеат во толку лоши услови, без вода, струја, во колиба во ужасна состојба. Ленче вели дека од разговорот со пожарникарите кои биле на самото место на настанот дознала како тие едвај ги пронашле дечињата, кои биле речиси целосно изгорени.

-Многу е потресно сето ова што се случи. Како што раскажуваа пожарникарите, од децата не останало речиси ништо, целосно биле изгорени. Кога ги пронашле поголемите две, сакале да излезат надвор, но таткото викнал дека има уште едно. Кога го забележале најмалото, првин помислиле дека е кукла. Куќата во која што живееле, не може да се нарече куќа, туку попрво колиба, без струја, без вода… Ужасни сцени и страшна трагедија – вели хуманитарката.

Според Јавното Обвинителство, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време, од непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски во телефонски разговор ни кажа дека свикал седница на Советот на Општина Велес, вечерва во 18 часот. Исто така, ни изјави дека ќе биде прогласен ден на жалост.

-Синот на семејството, можам да кажам дека ќе биде вработен во јавното комунално претпријатие, ќе биде доделена и финансиска помош на родителите. Најверојтно, семејството ќе биде сместено во Скопје. Вечерва имаме седница и ќе бидат разгледани сите детали – вели Коцевски.

Неофицијално, Фокус дознава дека семејството со повозрасниот син и со девочињата на возраст од 11 месеци, две и четири години, неколку пати биле одбиени од државата, во намерата да добијат социјален стан. Со цел да ја провериме информацијата, телефонски ја контактирале Буши, директорка на Центарот за социјална работа во Велес.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e