Општина Центар почнува со реконструкција на улицата „Капиштец“

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ денеска соопшти дека почнува комплетната реконструкција на улицата „Капиштец на Водно.

– На улицата „Капиштец“ ќе се изгради нова атмосферска канализација во должина од 260 метри. Со ова го решаваме големиот проблем со собирање на атмосферските води, кои се приклучуваат на новоизградената атмосферска канализација на улицата „Питу Гули“.Со овој проект ќе се намали можноста за излевање на поројните води во околните објекти и ќе се овозможи нивно контролирано испуштање во постојната атмосферска инфраструктурна мрежа, рече Богдановиќ кој додаде дека на улицата ќе се постави нов асфалт, рабници и тротоари.

Тој најави дека ќе ги реконструираат и ќе изградат инфраструктура на локалитетот Долно Водно, со кој се опфатени, освен улицата „Капиштец“ и улиците „Ганчо Хаџи Панзов“, „Димитар Пандилов“ и „Караорман“.

На новинарско прашање за терасата на зградата на ВМРО-ДПМНЕ Богдановиќ рече дека дел од објектите како музеи, споменици, спорната зграда на ВМРО-ДПМНЕ, како дел од проектот „Скопје 2014“ се дел од истрагите на институциите и обвинителствата.

– Ние затоа се координираме со овие институции и обвинителствата и не постапуваме бидејќи чекаме да завршат истрагите. Станува збор за огромни предмети, знам дека и јавноста очекува да завршат овие процеси, но не може за неколку месеци да се расчисти сето она што е правено за 11 години, рече Богдановиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e