НаТочак во среда на протест поради контејнерите поставени на велосипедските патеки

Во среда иницијативата НаТочак ќе организира вонредна Критична маса како изразување на протест за несоодветното поставување на контејнери на велопатеките и незаинтересираниот однос на градот Скопје за ова прашање.

„После 7 и пол години борба за подобрување на велосипедскиот сообраќај во градот, одеднаш сме во ситуација на градските власти да им објаснуваме дека не е во ред сред велосипедска патека да стојат контејнери. Ете толку елементарно и апсурдно ниво. Ете толку враќање на почеток. 7 години се бориме да се ослободат велосипедските патеки во градот. И почнаа да се ослободуваат. Од автомобили, билборди, бандери, трафики и останати пречки. Го поздравувавме секој минорен чекор напред.

Сето тоа резултираше со очигледен пораст на велосипедскиот сообраќај. Дел од луѓето ги оставија автомобилите затоа што сфатија дека онаму каде што има безбедна и проодна велосипедска патека, можат побрзо да стигнат со точак или електричен тротинет отколку со автомобил.

И сега одеднаш, без никаква анализа решија да сместат контејнери на тешко ослободените велосипедски патеки, a на неослободените да ги потврдат старите лоши локации со уште поголеми контејнери кои оставаат уште помал простор.

Нема да дозволиме!

Бараме ослободувањето на постоечките патеки и изградба на нови да продолжи во остатотокот од градот, а не да креираме нови проблеми на оние патеки кои биле горе-долу слободни и решени.

Извозевме 81 критична маса во градот сѐ со единствена цел, да ја подигнеме свеста за користење на точакот како превозно средство, со кое сите заедно ќе добиеме град кој ќе биде поубав и почист.

Град за луѓе, а не град за автомобили.

Овојпат ќе возиме вонредна по важност критична маса на која силно ќе се спротиставиме на повторно узурпирање на велосипедските, но и пешачките патеки! Овојпат ќе бидеме гласни! Тргнете ги контејнерите од патеките! “, се вели во повикот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e