„Натан мудриот“ прва премиера на Гостиварскиот театар

Со премиерната изведба на претставата „Натан мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити, синоќа започна историјата на Гостиварскиот театар.

Во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар видни личности од културниот и од политичкиот живот во земјава, меѓу кои и министерот за култура Хусни Исмаили, со бурен аплауз, честитки и желби за добри претстави, го поздравија започнувањето на работата на новата национална установа. Министерот Исмаили, честитајќи го почетокот на работата на Гостиварскиот театар, истакна дека театарот е храм на јазикот и културата и ако не го поддржуваме, стануваме странци во сопствената душа. Тој е место каде што се спроведува мисијата за расветлување на природата на човекот, неговите желби, одлуки, внатрешни и општествени соочувања во борбата за поголем духовен и праведен свет и место за најискрен дијалог со публиката.

Инаку, претставата „Натан мудриот“, чие дејствие се одвива во Ерусалим, промовира хуманизам и религиозна толеранција каде што се вкрстуваат повеќе елементи: театар на говор, театар на дижење, видеопроекција и анимација, караѓоз-театар итн. Во претставата се говори на албански, македонски и на турски јазик со цел и јазично да се пренесе атмосферата на мултиетничкото и мултикултурно општество на тогашниот Ерусалим, но и универзалната и безвременска вредност на хуманото дело на Лесинг. Инаку, претставата, во која настапува актерската екипа: Висар Вишка, Шеќерие Илјази, Дритон Лазами, Ариан Ејупи, Ајше Усеини, Сенад Абдули, Береда Решит, Елмир Сејфулаи и Вјолца Бафтиу-Зилбехари, визуелно и содржински ги чува дискретно класичните форми со модерен театарски израз за да се постигнат токму географската и безвременската универзалност. Сценографијата е на Арѓент Караи, костимите се дело на Инес Голја, изведбата на музиката во живо е од Аднан Алиу (кавал) и Драган Матески (тапани), а дизајнот на светло е на Илија Тарчуговски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e