Граѓаните на Карпош ќе комуницираат со општината преку мобилна апликација

Преку мобилна апликација (за Андроид и IOS) граѓаните на Општина Карпош ќе може да комуницираат со локалната самоуправа, да пријавуваат проблеми, но и да споделуваат свои идеи и предлози од областа на заштита на животната средина, инфраструктурата и други локални проблематики.

За реализација на оваа цел, денеска, Општина Карпош и Центарот за социјални иновации Блинк 42 – 21 потпишаа Меморандум за соработка за проектот “Вклучена младина за м – партиципација”. Проектот овозможува конструктивно вклучување на младите, но и на сите граѓани, карпошани во сопствената заедница, согласно современите трендови и алатки кои ги нуди технологијата.

Во оваа прилика градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев посочи дека со овој проект значително ќе се олесни комуникацијата меѓу локалната власт и граѓаните.

– Ќе добиеме уште еден канал за комуникација каде што граѓаните ќе може да пријавуваат проблеми од локално значење, но и да даваат свои предлози, иницијативи, со што на директен начин ќе придонесеме за зголемување на интерактивноста и отвореноста на Општината, рече Богоев.

Претставниците од Блинк 42 – 21 исто така го истакнаа своето задоволство од овој проект кој е поддржан и од страна на УСАИД.

Тие се осврнаа и на работата на овој Центар за социјални иновации, кој развивa програми и модели за зајакнување на младите и граѓаните, промовира активна партиципација и индивидуална одговорност за идната благосостојба на целото општество.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e