Анѓушев на средба со штипскиот бизнис сектор

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески денеска имаа средба со бизнисмените од Штипскиот и Брегалничкиот регион. Споделени беа мислењата околу двата нови закони и мерките што може да ги користи реалниот сектор.

Вицепремиерот Анѓушев порача дека Законот за финансиска поддршка што беше донесен лани, годинава е изменет се со цел за да му се олесни на бизнис секторот.

-До крај на септември имаат рок за апликација. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите стопанственици што ги исполнуваат условите да аплицираат за овој закон и да бидат помогнати во своите инвестиции, бидејќи средствата во Буџетот се резервирани за таа намена, рече Анѓушев.

Забележува дека Законот за субвенционирање на придонесите е во фаза на разгледување и се очекува наскоро да биде донесен од страна на пратениците во Собранието.

-Тој е апсолтуно едноставен во делот на имплементацијата и во делот на апликацијата од страна на компаниите. Практично нема потреба да подготвуваат никакви посебни апликации освен постојниот М пин што го поднесуваат во Управа за јавни приходи при делењето на плати. Сакаме да го споделиме мислењето со стопанствениците, бидејќи се уште законот е во фаза на разгледување и носење, посочи Анѓушев.

Претседателот на Стопанската комора Азески го поздрави носењето на Законот за субвенционирање на придонесите и додаде дека македонските компании досега водеа политика на депресивни лични примања, што се одрзува и го чинеше развојот на државата.

-Секое да речам свртување во правец на активно качување или зголемување на економската активност и на движењето на парите е за нас и ние ќе го поздравиме, зашто е во интерес на развој на бизнисот. Мислам дека е создадена основа за тоа, комапниите, тој чекор да го направат, рече Азески.

Нагласи дека растот на платите треба да дојде од приватниот сектор, бидејќи со зголемувањето на личниот стандар на населението интерес има целата економија, а како што рече, ќе почне и долго очекуваното вртење на парите.

Појасни дека со вицепремиерот Анѓушев разговарале и за можните импликации со влегувањето во рецисија на Германија и како да им се помогне на македонските компании.

-Таму сигурно ќе има импликации, но токму заради тоа мора да ја зголеми економската активност на терен. Она што го слушаме од компаниите што деновиве разговараме, е една доверба кон предлозите што доѓаат од економските ресори во Владата дека ќе се помогни во оваа ситуација, којашто е критична и проблематична да се продолжи со инвестициска активност во услови за коишто зборувам дека е можно нарушување на меѓународните пазари и да извршиме подготовки и во такви услови се снајдеме, а тоа македонската економија неколку пати го покажа и во кризата од 2008 година и во посткризниот период, рече Азески.

На средбата со бизнис секторот присуствуваше и штипскиот градоначалник Благој Бочварски кој додаде дека Општина Штип со своите надлежности ќе биде постојана поддршка на бизнис секторот.

-Владата напорно работи на подобрувањето на условите за бизнис секторот. На неколку наврати сум бил на средби со вицепремиерот Анѓушев заедно со стопанствениците во Штип и тоа покажува дека бизнисмените во Штип и во Македонија се добро сослушани од Владата, рече Бочварски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e