Вработените од „Југохром“ повторно бараат средба со Димитриев

Синдикалната организација на комбинатот „Југохром“ повторно бара средба со премиерот Емил Димитриев откако по барањето за средба што го испрати на 4 јануари, доби одговор дека со претставниците ќе се сретне советникот на премиерот.

„Средбата сме подготвени да се прилагоди во рамки на Вашите слободни термини во кое било време од денот (Ви стоиме на располагање 24 часа). Ургираме средбата да се реализира во најкраток можен рок. Ви напоменуваме дека ургенцијата е поради огромниот притисок од 700 вработени кои се загрижени за својот работен статус“, се вели во барањето.

Во барањето за средба испратено на 4 јануари, вработените велат дека се чувствуваат изиграни и измамени од некои институции кои, како што велат, најпрво задоцниле со издавањето на неопходните дозволи за изградба на филтри, а потоа наредиле престанок со работа на печките.

„Спремни сме да продолжиме со уште порадикални протести и со други облици на изразување на незадоволството. Но, пред да преземеме други мерки, би сакале да се сретнеме со Вас, да размениме информации и да видиме дали е можно проблемот да се реши по институционален пат. Сметаме дека може, со Ваша помош и посредство да се најде некое прифатливо решение со кое ќе се обезбеди сигурна егзистенција на работниците“, велат од синдикалната организација на комбинатот „Југохром“.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e