Пушење со јазик

Не е до законот. Не е ни до јазикот. Мачнината, барем кај нас што не сме од ДУИ, ама не сме ни од СДСМ ни од ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа од разочараноста дека во оваа држава силата ја отепува правдата. Не е ни до однесувањето на Ахмети и неговите, кои како размазено дете во продавница бесрамно се дерат за ссите да ги чујат и да ги сожалуваат: „Сакам, сакам, многу сакам!“. Не ме потресува ни понижувањето на Заев и неговите пратеници. Возрасни се. Сами решиле и сигурно знаат што прават. Ете, му направија видео обраќање и ни го пуштија нашминкан и напудрен, како на времето кога Груевски нѐ вадеше од памет на сите телевизии.

Она што предизвикува гнев е правната несигурност со која продолжуваме да живееме. Па, кога дури ни во Собрание не може точно да се види кој како гласал, па Џафери раскажува дека некој закаснил 10 секунди, зарем ќе се надеваме оти АКМИС системот ќе проработи во судовите? Ќе го даделе законот на Уставен суд. Е, дури сега ми олесна, кога ми текна на кој Уставен суд ќе го дадат. И како капак на сѐ, ќе се појави Ѓорге Иванов. Да те убие во поим. Да ни каже дека за да го заштити Уставот, ќе го скрши Уставот.

Тоа е човекот што беше генератор на кризата. Аболицираше осомничени за тешки криминали само затоа што се функционери во партијата што го постави за претседател. И не го даваше мандатот на Заев затоа што не е од неговата партија. И притоа, глумеше дека го штити унитарниот карактер на државата.

И конечно, еве Законот е изгласан. Ќе се опуштат ли сега Ахмети и неговите маченици? И ќе почнат ли со дело да ја почитуваат оваа држава како своја? Или останаа уште некупени чоколатца на касата за размазените деца.

Единствено беше забавен театралниот настап на Груевски, кој ќе беше поефектен ако наместо да фрла вода, му удреше на Талат Џафери две-три шлаканици, ама од оние појаките. Особено што ова беше прв пат да се види Груевски како на залезот на политичката кариера се појавува барем на еден битен настан, оти како премиер секогаш кога беше густо, го немаше. Кога требаше да се потпише Законот за амнестија на обвинетите за Хашките случаи, го намести тогашниот вицепремиер Васко Наумовски да го потпише. Кога требаше да се признае Косово, потписот го стави Ивица Боцевски. Сега барем сам му се силеше на Џафери. Па тоа нѐ потсети на бомбите, во кои слушавме како неговите пратеници со ДУИ го носеа Законот за јазици уште во 2011 година. И на сликата од јануари 2017, кога зад завесата од прозорецот на Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ ѕиркаше дали ќе му дојде Ахмети за заедно да ја направат Владата.

Целата колумна на Горан Михајловски за СДК на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e