Бројот на уапсени допрва ќе расте

Полека се соголува суштината на политиката на ВМРО-ДПМНЕ кон Македонија: или осомничените и обвинети криминалци од таа партија ќе бидат пуштени на слобода (за да немало „реваншизам“); а ако не, партијата на Фамилијата ќе ги блокира крстосниците и ќе ги бојкотира сите институции кои се битни за носење одлуки за иднината на Македонија (буџет, реформи, евро-атлантски интеграции итн.) на централно (Македонско собрание) и на општински нивоа (совети на општините). Во тој или-или избор, тие, како некаква концесија кон Македонија, предлагаат закон за сопствена амнестија!

Занимливо, партијата се одлучува за политички бојкот и блокирање на правната држава и државата, воопшто – но, не ги повикува своите членови, на пример, во знак на протест, да ги напуштат државните институции во кои стотици нивни функционери сé уште се комотно вработени.

Со тоа продолжува политиката на ВМРО-ДПМНЕ да се држи Македонија во продолжено заложништво на интересите на криминалната Фамилија, нешто што го практикуваа долга низа години пред да паднат од власт. Целата партија самата се претвори во национално злосторничко здружение, еден вид на колективен партиски терорист со сите карактеристики за таквите злодела: држат заложници (граѓаните на Македонија), отворено се закануваат кон јавниот ред и поредок, бараат „откуп“ (амнестија!) за да нé ослободат од нивното заложништво. Си ги бараат и пасошите назад, за да го напуштат местото на злосторот. Мислам дека наскоро, преку преговарачот Хорхе, ќе побараат хеликоптер што ќе ги пренесе до аеродромот „Киро Глигоров“, за од таму со авионот на оној рускиот бизнисмен да одлетаат во непознатиот правец на исток.

За растечкиот криминален карактер на ВМРО-ДПМНЕ многумина предупредуваа и пред оваа ситуација. Бројот на осомничени и притворени функционери на таа партија, од различни нивоа на нејзините национални и локални структури, постојано расте. И ним и нам, на сите ни е јасно дека оваа тенденција ќе продолжи, без точно да може да се процени колку стотици и илјадници раководители на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат осомничени и гонети за различни видови, главно тешки, кривични дела, сите предвидени со законите во државата Македонија.

Како што тргнале работите, ризикуваат кривичните обвиненија за „тероризам“, да се преквалификуваат во – „геноцид“, против сопствениот народ.

Оваа уцена со „заложничкава драма“ не делува нелогично или политички незамисливо. Луѓето со години се утепаа од крадење и различни други злоупотреби, без никакви последици, и сега кога правната држава почнува да функционира, нејзините функционери, откако пропадна реалниот обид за државен удар, сакаат да спроведат „државен удар“ со политички средства, да ја задушат државата со „перницата“ на своето бојкотирање, за да се спасат од сопствениот кривично-правен прогон. Велам, сосема разбирливо.

Одговорот на тоа треба да биде стрплив, крајно демократски, според принципите и правилата на правната држава: СИТЕ ОСОМНИЧЕНИ ДА СЕ АПСАТ! Да им се овозможи фер судење, по цена тоа навистина да ја одложи нашата евро-атлантска интеграција и реформите кои ќе значат подобар живот за граѓаните на Македонија.

Можеби сум единствениот со вакво мислење во државата, но јас би ја одложил евро-атлантската перспектива на Македонија за сметка на воспоставувањето правна држава. Всушност, мислам дека е тоа лажна дилема: нема евро-интеграција БЕЗ правна држава.

Во таа смисла, мојот предлог за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ е тоа да биде управникот на затворот во Идризово. На таа функција, него би можеле да го изберат и со доживотен мандат.

Сашо Ордановски
Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e