Ајде, веќе, почнете да преговарате за тоа името!

Мислам дека е реално да се претпостави дека, во овој момент, никој точно не знае како ќе се реши спорот за името со Грција. А, гледаме и слушаме, оптимизам се шири на сите страни за тоа дека „е дојдено време“ да се најде решение, дека спорот „предолго трае“, дека „атмосферата“ во двете земји е подобрена и дека Македонија „мора“ да напредува кон своите евро-атлантски аспирации и со конкретни чекори, кои ќе значат фактичко зачленување во ЕУ и НАТО.

Сето погоре кажано е точно. Тоа, сепак, не кажува многу за меритумот на решението: Македонија, де факто, ќе мора да го менува ова – „Република Македонија“ – уставно име. Околу тоа да си немаме дилеми, сакале или не сакале. Прашањата за тоа какво ќе биде новото име; како ќе се дефинира „ерга омнес-от“ на неговиот опфат; кои ќе бидат придружните гаранции што ќе си ги бараат двете страни; во кој момент ќе се случи промената; дали за неа ќе се оди на референдум (сите велат: ќе се оди) итн. – тоа се прашањата за кои, претпоставувам, ќе се преговара, откако ќе заврши оваа фаза на „добра атмосфера“ и „затоплена клима“ во Скопје и Атина.

Ова е, се разбира, горе-долу познато. Но, згодно време е да се направат неколку придружни поенти…

Прво, нашите преговори со Грција се асиметрични, на наша штета. Штом само една од страните има право на вето (а тоа Грците покажаа дека се подготвени да го употребат), да се нема илузија дека преговарачките страни се со еднаков маневарски простор и тежина.

Ние со сегашната „офанзива на шарм“ се обидуваме, колку-толку, да го компензираме нашиот објективен преговарачки дефицит, и тоа не го правиме лошо (после многу изгубени години во слабеење на сопствената позиција), но, после шармирањето, од нас наскоро ќе се очекуваат и конкретни потези, со практични политички последици. И со правењето на тие потези нема до крај да се изедначиме со силата на грчката преговарачка позиција, но барем ќе оставиме „впечаток“ кај посредниците, за тие, со својот посреднички кредибилитет, да компензираат нешто од нашите дефицити.

Второ, ми се чини дека, кога и ако се дефинира содржината на решението, од интерес на Македонија е во него да бидат расчистени сите работи, да не останат отворени прашања или можности за различни толкувања, и таму и овде и сегде.

Сакам да кажам, дури некому и да му се види згодно некои работи да се забошотат, опортуно да се „турнат под тепих“ и да се одложат за некои „подобри времиња“, тоа да не се прави, бидејќи „подобро време“ од сегашново нема да има, ако тоа повторно подразбере уште 27 години дипломатски и практични „жилавења“ меѓу двете „страни“.

За решавањето на овој проблем, објективно, и во Грција и во Македонија ќе се плати (релативно) висока политичка цена, бидејќи нема такво решение што може да ги задоволи сите во двете земји, а особено не хистеричните националисти. Па, кога веќе се плаќа таа сметка, барем цехот да го покрие целото „јадење, пиење и музиката“, сосе „бакшишот“ од оваа дипломатско-политичка „теревенка“. За кога ќе ни помине мамурлакот, да не биде дека некој не разбрал дека и кафето не е испиено на вересија.

И, трето, немој некој да се најде зачуден што, барем некои детали од решението – сега не може да се претпостави со каква важност ќе бидат тие – ќе бидат наметнати од „трети страни“. Принципот на ваквите посредувања (евро-американски, со акцент на вторите) е никој да не може да прославува победа по завршниот исход од преговорите. Значи, не дека ќе нема победници во спорот – тоа секако ќе нема – туку да нема многу поразена страна, за решението да биде трајно. Да нема лутење: притисоци ќе има и некои наметнати работи ќе мора да се „проголтаат“. Ние повеќе од Грците, молам.

Тоа е тоа, во оваа фаза. Шансата е, навистина, историска и Македонија мора да ја искористи – па да пукнат душманите!
Сашо Ордановски

Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e