Тајланд: Пештерата во која беа заробени 12-те деца станува музеј

Засега се уште не е познато дали музејот ќе биде оперативен во текот на целата година со оглед на честите поплави во Тајланд, особено во периодот од јуни до октомври.

Пештерата на северот од Тајланд, во која повеќе од две недели беше заробена група од 12 деца заедно со нивниот фудбалски тренер, ќе биде претворена во музеј, објави “BBC”.

Надлежните на спасувачките служби соопштиле дека во музејот ќе биде претставен начинот на кој се одвивала акцијата за спасување на децата. Тие истакнуваат дека тоа ќе биде главна атракција на Тајланд.

Пештерата Там Луанг е една од најголемите пештери на Тајланд. Се наоѓа во подножјето на планината во близина на гратчето Мае Саи, во северната покраина Чианг Раи на граница со Мјанмар.

Поголемиот дел од тоа подрачје е неразвиено, со ограничени туристички понуди.

“Оваа област ќе стане музеј, каде ќе биде прикажано како се одвивала спасувачката операција. Ќе биде поставена и интерактивна база на податоци за акцијата за спасување”, рекол поранешниот гувернер и шеф на мисијата за спасување , Наронгсак Осотанакорн.

Премиерот на Тајланд, Прајут Чан О-ча истакнува дека неопходно е да се применат безбедносни мерки поради туристите, како во самата пештера, така и надвор од неа.

Истовремено, најмалку две филмски компании се заинтересирани за снимање на филм за спасувачката акција на децата и нивниот тренер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e