Објавена листа на најтурбулентни летови во светот

Податоците од сајтот за прогнозирање на турбуленции „Turbly“, кој анализираше околу 10.000 рути што ги поврзуваат 550 најголеми аеродроми, ги открија најтурбулентните летови во 2024 година.

Имено, рутите се рангирани според нивната „стапка на дисипација на вртлози“, која основачот на Турбли, Игнасио Галего Маркос ја опишува како „мерка за интензитетот на турбуленцијата во дадена точка“.

Кога луѓето летаат со авион, се плашат од разни работи, а една од најчестите работи што ги плаши патниците во авионите се секако турбуленциите.

Турбуленцијата е најлошиот дел од летањето за многу луѓе. Иако тоа е изненадувачки вообичаен феномен, може да биде вознемирувачки – дури и за најискусните патници.

Но, турбуленциите честопати се погрешно разбрани. Тие претставуваат многу мала опасност за современите комерцијални авиони, повеќето повреди од турбуленциите се случуваат кога патниците не носат појаси.

Турбуленцијата ја дефинира американската Национална метеоролошка служба како феномен „предизвикан од ненадејни, неправилни движења на воздухот кои создаваат остри, брзи нагорни и надолни струи“ кои „дејствуваат во комбинација за неочекуваното придвижување на авионот“.

Најчестиот тип, наречен турбуленција на чист воздух (CAT), е дефиниран од Федералната управа за авијација (FAA) како „ненадејна, силна турбуленција што се јавува во области без облаци и предизвикува леталото насилно да се заниша“. ФАА додава дека ова е „особено проблематично бидејќи често се случува неочекувано и без никакви предупредувачки знаци“.

Кои летови се најмногу погодени од турбуленции?
Трасата од 196 километри меѓу Мендоза во Аргентина и чилеанската престолнина Сантијаго е прогласена за најтурбулентна, додека на второ место е рутата меѓу Кордоба во Шпанија и Сантијаго, пишува „Independent“.

Turbly, исто така, ги откри најтурбулентните летови по континенти, откривајќи дека патувањето од 298 километри меѓу Ница и Женева е на врвот на листата за Европа, додека во Северна Америка најтурбулентниот лет бил помеѓу Албакерки и Денвер, на 561 километар.

Во Азија, најтурбулентен лет бил помеѓу Катманду, Непал и Ласа, Кина, додека во Африка, најтурбулентниот лет се случил на домашен терен од Дурбан до Јоханесбург, Јужна Африка.

Во Океанија, најтурбулентен лет бил летот меѓу Крајстчерч и Велингтон, Нов Зеланд. За Јужна Америка, најтурбулентен бил веќе споменатиот лет меѓу Мендоза и Сантијаго, кој исто така е на врвот на листата на кратки летови под 1.500 километри.

За долги правци над 4.500 километри со највисоки просечни турбуленции, врв бил летот помеѓу Најроби, Кенија и Сепанг, Малезија.

Топ 10 најтурбулентни летови во светот според податоците на Турбли се:

Мендоза – Сантијаго
Кордоба – Сантијаго
Мендоза – Салта
Мендоза – Сан Карлос де Барилоче
Катманду – Ласа
Ченгду – Ласа
Санта Круз – Сантијаго
Катманду – Паро
Ченгду – Ксининг
Сан Карлос де Барилоче – Сантијаго

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e