Момчињата јавно зборуваа за времето минато во пештерата: Пиеле дождовница и се молеле за да избегнат негативни мисли

Дванаесетте момчиња и нивниот фудбалски тренер кои од тајландската пештера беа спасени за време на опасна меѓународна операција, на вчерашната прес-конференцијата опишаа како биле пронајдени.

Целата приказна започна на 23 јуни, кога момчињата по тренингот се одлучиле да ја посетат пештерата Там Луанг. По девет дена пребарување, сите 12 млади фудбалери и тренерот беа пронајдени.

Момчињата на возраст меѓу 11 и 16 години и 25-годишниот фудбалски тренер исчезнаа откако се одлучиле да го истражуваат десет километри долгиот пештерскиот комплекс Там Луанг во провинцијата Чанг Раи во северниот дел на Тајланд. Во текот на девет дена тие не јаделе ништо, само пиеле дождовница и се молеле, објави Би-би-си.

„Одевме нормално, но откако влеговме во пештерата, сфативме дека сме заглавени“, изјави на пресот, тренерот на екипата „Диви свињи“, Екапол ‘Аке’ Чантавонг.

„Одевме додека не дојдовме до сува песочна точка, каде што останавме да спиеме. Во близина имаше извор на вода. Сакавме сами да излеземе, а не само да чекаме да не спасат“, опиша Чантавонг. Како што минувале деновите, момчињата почнале да губат сила, но никогаш не се откажале.

Тие оделе наоколу и се обидувале да најдат излез. На тој начин се бореле со негативните мисли.

„Не размислувавме за храна, бидејќи така гладтта ќе ја чувствуваме уште повеќе. Пиевме само вода која капеше од камењата, а во еден момент јас се онесвестив“, се сеќава едно од момчињата, 11-годишниот Чанин Вибулрунгуанг.

Спасувачите пристигнале навечер. Адул Сам-он, исто така едно од момчињата, моментот на пристигнувањето на британските нуркачи ги опиша како „чудо“.

„Седевме на камен и слушнавме како некои луѓе зборуваат. Тренерот ни рече да молчиме и да ги слушаме“, рече Сам-он, единствениот член од тимот што зборува англиски.

„Зедов фенерче и со брзање се упатив кон нуркачите. Кога се сретнавме, ги поздравив. Бев вџашен кога сфатив дека се Англичани. Тие ме прашаа колку сме, на што им кажав дека мојот мозок е блокиран по девет дена минати во пештерата. Математиката во тој момент не функционираше во мојата глава“, откри 14-годишниот Сам-он.

На прес-конференцијата, тренерот на фудбалскиот тим откри дека момчињата биле шокирани кога дознале за смртта на спасувачот, Самарна Пунана, кој почина во текот на операцијата за спасување.

„Момчињата се чувствуваа дека е нивна вина смртта на спасувачот, но тој ја работел својата работа и за жал го жртвуваше сопствениот живот“, изјави тренерот Чантавонг и откри дека момчињата извесен период ќе поминат во будистички храм во чест на загинатиот спасувач.

Нуркачите до децата и тренерот нуркале низ тесни премини. Исто така, беше откриено дека момчињата не излегувале по одреден редослед, туку доброволно. Биле извлечени на воени носила. Сите биле во добра физичка состојба и било сеедно кој прв ќе излезе, откри докторот Пак Лохаршун на прес-конференцијата.

Момчињата велат дека нивните лекари им дозволиле да го гледаат финалето на Светското првенство во фудбал, а едно од нив откри дека повеќето навивале за Хрватска.

Психијатрите препорачаа момчињата и нивните семејства да избегнуваат контакт со медиумите барем еден месец.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e