Крива Паланка е најсеверниот град во Македонија!
💢Географски карактеристики
➖️Крива Паланка се наоѓа на подножјето на планината Осогово, на тромеѓето со Србија и Бугарија, а поради тоа се вели дека е ,,источната порта” на Македонија. Се наоѓа на надморска висина од околу 620м. Крива Паланка со 13.400 жители е 17-тиот по големина град во Македонија.
Овој град е еден од најчистите во Македонија, а тоа ќе го приметите веднаш штом го посетите. Градот е од сите страни опколен со планини, па тука воздухот е многу чист.
💢Историја на градот
➖️Овој град е оформен во 1633 година од везирот Бајрам-паша, како воен центар со околу 50 куќи и џамија. Со оформувањето на градот се оформиле и 6 маала, кои и ден-денес постојат со истото име. Пронајден е документ на кој ја пишува годината на формирање на градот и е напишано на плоча со арапска азбука, која се наоѓа во Историскиот музеј во Скопје, а копија од документот се чува и во Градскиот музеј на Крива Паланка. Тој е единствениот град во Македонија за кој се знае точната година на формирање и кој точно го формирал.
➖️Градот првично се нарекувал ,,Егри Дере” што означувало ,,Крива река”. Подоцна го сменил името во ,,Крива Река Паланка”, па со текот на годините станал ,,Крива Паланка”. Во средновековието се употребувало и името ,,Сарандапор”. Ова е единствениот град во Македонија кое името го добил по реката која поминува низ него. По основањето на градот, тој имал брз економски развој. Македонците што се доселувале од селата во градот, работеле како ѕидари, воденичари, отворале кафани и фурни.
➖️Во Втората светска војна градот бил под окупација на германците, а потоа и под бугарите. Бугарите кога дошле, тие се прикажувале како ослободители на градот, но македонскиот народ кој бил под нивна окупација, се спротивставувал на тоа. Градот е ослободен од окупаторот на 8 октомври 1944 година. Крива Паланка во народноослободителната војна дала 202 жртви. По ослободувањето на градот, тој повторно економски зајакнал и се развивал во сите области, како текстилната индустрија, земјоделството, сточарството, градежништвото, рударството и градот почнал повторно да се гради, бидејќи од војните бил многу разрушен.
➖️Во раниот среден век овде поминувал важен пат кој ги поврзувал истокот на Балканот и Јадранот. По тој пат оделе различни војски и султани.
➖️Во 1918 година градот станува средиште на Општина и во тој период во градот се изградени офицерскиот дом, болницата, зградата на општината и гимназијата.
➖️Најзначаен настан во историјата на градот е Карпошовото востание од 1689 година, кога Крива Паланка била значајно место за неговите востаници.
💢Заштитен знак на Крива Паланка
➖️Брендот на Крива Паланка е ,,паланечкиот симит”, кој го има во пекарите и малите продавници. Секој туристи што ќе ја посети Крива Паланка, мора да го проба прочуениот ,,симит”. Тој се прави со маја од наут. Иако веќе ја нема таа миризба и вкус како што го имал во минатото, тој сеуште е вкусен. Во минатото во симитот ставале повеќе маја од наут и вкусот и мирисот биле поинтензивни и не им се допаѓал на многумина, но сите го јаделе. Во минатото, паланчани често носеле симит каде и да оделе на гости, во или надвор од градот.
➖️Освен по симитот, од тука потекнува и популарната македонска шопска салата, која секојдневно ја има на македонските трпези.
➖️Крива Паланка е далеку позната и по паланечкиот компир, кој е еден од највкусните и е многу баран низ цела Македонија. Пред неколку години имаше иницијатива да се брендира и заштити паланечкиот компир.
💢Општо за Крива Паланка
➖️Во минатото збирно место во градот било кај семафорите. Тие што се договарале некаде да одат, се договарале да се чекаат кај семафорите и од таму се упатувале кон замислената дестинација.
➖️Освен за Македонците од околните градови и села, грасот е популарен и за бугарските туристи од блиските бугарски градови и села. Тие секој пазарен ден и викенд доаѓаат во Крива Паланка да пазарат во градот.
➖️Во 2013 година Министерството за култура одлучи Крива Паланка да биде ,,град на културата” во Македонија.
➖️Зборот ,,паланка” значи место што е нешто помеѓу град и село. Не е ни село, ни град, туку паланка.
➖️Паланчани се најпознати по градежништвото, па така најдобрите и најпознатите градежници во Македонија се од Крива Паланка.
➖️Скоро после две децении, повторно во функција се ставени единствените градски семафори на обиколницата кај Осички мост.
➖️Старата фонтана на стариот плоштад покрај Крива река во центарот на градот е симбол на плоштадот и е најстарата украсна фонтана во градот.
💢Преданија и настани
➖️Едно старо Кривопаланечко предание кажува дека во 1922 година кога Крива Паланка ја зафатила страшна поплава со излевање на Крива река, при што надојдената вода ги руши дуќаните кои се наоѓале на местото од сегашниот градски парк, меѓу кои и златарата на познатата Кривопаланечка чорбаџиска фамилија ,,Маџови”, при што од златарницата водата однела три канти полни со златници. По неколку дена кога водената стихија се смирила, една од кантите е пронајдена во речното корито кај сегашната касарна.
При ископувањето на градскиот парк во Крива Паланка во 2020 година, во стар тунел изѕидан од камен е пронајдена канта полна со златни пари, која се верува дека е една од трите канти со злато кои биле изгубени при поплавата во Крива Паланка.
💢Места за посета
➖️Плоштадот ,,Карпошово востание” се наоѓа во центарот на градот и на него има црква, фонтана и мал амфитеатар. Позади црквата се наоѓа дел од тврдина од Карпошовото востание. Плоштадот последен пат е реконструиран во септември 2021 година.
➖️Во Крива Паланка можете да прошетате по ,,пазарската патека” која почнува од кај пазарот, која се движи во кејот на Крива Река и завршува кај мостот до градскиот парк.
➖️Зградата во која се наоѓа Градскиот музеј на Крива Паланка е изградена во 1926/27 година и е еден од најстарите објекти во градот. Музејот е основан во 2011 година.
➖️Во НУ Центар за култура во градот секоја година се одржува фестивалот на детска песна „Распеано симитче“, кој е во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка.
➖️Иконата на градот е манастирот Св. Јоаким Осоговски, кој се наоѓа на 5 км. од центарот на Крива Паланка и е најпосетена знаменитост во тој регион.
➖️Во непосредна близина се наоѓа езерото Калин Камен, кое е на 20 минути возење од градот, во правец кон манастирот Св. Јоаким Осоговски.
➖️Пешачко рекреативна патека “Стара вада” која се наоѓа на високата периферија на градот, со можности за прошетка, одмор, рекреација, уживање и прекрасна глетка на Крива Паланка.
➖️Во Грнчарската маала може да се види чаршијата, која се наоѓа во непосредна близина на стариот плоштад. Иако оваа чаршија во минатото била полна со дуќани, сега работат само неколку, а сочувана е и дел од архитектурата во чаршијата. Бидејќи во овој дел на градот имало најмногу грнчари, маалото се нарекло ,,грнчарско маало”. Токму во оваа чаршија во минатото се печел познатиот паланечки симит.
Задолижтелно прошетајте низ новиот плоштад низ центарот на градот.
Извор и фото: Патувања низ Македонија