Како во годината на пандемијата на Ковид-19 исчезна грипот во САД

Февруари е обично месец кога сезоната на грип е во полн ек, а ординациите и болниците се полни со пациенти. Меѓутоа, не и оваа година.

Грипот практично исчезна во Америка, каде се пријавени многу пониски нивоа на болеста отколку во изминатите децении. Експертите велат дека мерките за контрола на коронавирусот – носење маски, физичко растојание и виртуелна настава – се главен фактор во спречувањето на двојна пандемија, на грип и и на Ковид-19

Веројатно помогна и кампањата за штоо повеќе луѓе да се вакцинираат против грип, како и намалениот број патувања.

Друго можно објаснување: Коронавирусот во суштина го истурка грипот и другите вируси кои се вообичаени за време на есента и зимата. Научниците не го разбираат целосно процесот, но тоа би било во согласност со веќе видените примери, кога одредени соеви на грип беа доминантни над другите, вели д-р Арнолд Монто, експерт за грип на Универзитетот во Мичиген.

На национално ниво, „ова е најблага сезона на грип досега“, според системот за надзор што се користи околу 25 години, истакнува Линет Бремер од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).

Болниците велат дека го немало вообичаениот прилив на пациенти со грип. Во Медицинскиот центар Мејн во Портланд, најголемата болница во таа држава, шефот на службата за итни случаи, д-р Нејт Мик изјави:Зимава немам видено ниту еден евидентиран случај на грип.

Иста ситуација е и во главниот град на Орегон, каде што клиниките за респираторни болести поврзани со болницата Салем немаат потврдено случаи на грип.

– Прекрасно е, вели лекарката Мишел Расмусен, која работи во тој здравствен систем.

Годинашните бројки се неверојатни, имајќи предвид дека грипот подолго време претставува најголема закана кога станува збор за заразни болести. Во последниве години, од грип биле хоспитализирани 600 до 800 илјади луѓе годишно, со смртни случаи од 50 до 60 илјади лица.

На светско ниво, бројот на заболени од грип е многу мал во Кина, Европа и другите делови на северната хемисфера. Слично беше и во Јужна Африка, Австралија и други земји во текот на зимскиот период на јужната хемисфера, од мај до август.

Се разбира, ситуацијата е поинаква со коронавирусот, кој однесе повеќе од половина милион животи во Америка. Бројот на лица заразени со Ковид-19 и жртвите достигна нов врв во декември и јануари, но неодамна се намали.

Бројот на хоспитализации поврзани со грип е само мал дел од вообичаениот биланс, дури и во многу блага сезона, вели Бремер од ЦДЦ.

Бројот на жртви на грип за целата американска популација е тешко да се пресмета брзо, но ЦДЦ постојано ги следи смртните случаи кај децата. Една жртва на грип кај деца е пријавена досега оваа сезона, во споредба со 92 деца кои починаа во истиот период во текот на минатата сезона на грип.

– Многу родители ќе ви кажат дека оваа година нивните деца биле најздрави досега, затоа што не се опкружени со микроби во училиште или градинка, како што беше случај претходните години, вели Мик.

Некои лекари дури престанаа да испраќаат примероци на тестирање, бидејќи не мислат дека станува збор за грип. Сепак, многу лаборатории користат тест, развиен од ЦДЦ, кој проверува присуство и на коронавирус и на грип, објаснува Бремер.

Дистрибуирани се над 190 милиони дози вакцина против грип оваа сезона, но бројот на пациенти е толку мал што на ЦДЦ му е тешко да пресмета колку е ефикасна вакцината, посочува Бремер, додавајќи дека едноставно нема доволно податоци.

Тоа, исто така, го отежнува планирањето на вакцината за следната сезона на грип. Таа работа обично започнува со проверка на варијантите грип ширум светот и предвидување која од нив најверојатно ќе биде доминантна следната година.

– Меѓутоа, нема многу вируси кои предизвикуваат грип што можеме да ги разгледуваме, заклучува Бремер.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e