Италијанскиот министер за образование поднесе оставка

Италијанскиот министер за образование Лоренцо Фјорамонти поднесе оставка откако Владата не успеа да издвои повеќе средства за училиштата и факултетите во буџетот за следната година.

Тој денеска на Фејсбук потврди дека писмената оставка му ја поднел синоќа на премиерот Џузепе Конте, по усвојувањето на буџетот за 2020 година.

– Ја прифатив оваа функција само со една цел, а тоа е радикално да ја сменам болната состојба во која со децении се наоѓаат училиштата, факултетите и истражувачките установи, напиша Фјорамонти, истакнувајќи дека Владата немала доволно храброст да инвестира адекватни средства во неговиот ресор.

Фјорамонти претходно вети дека ќе поднесе оставка доколку трошоците за образованието не бидат зголемени за најмалку три милијарди евра.

Во минатогодишниот извештај на Европската комисија за образование се наведува дека Италија за тој ресор троши помалку од останатите земји членки на ЕУ и постигнува полоши резултати, затоа постои опасност во следните десет години да остане без еден милион студенти. 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e