Бегиристајн: Ќе имаме свои шанси да го елиминираме Реал Мадрид

Манчестер Сити ќе ужива во можноста да се соочи со Реал Мадрид во 1/8-финалето на Лигата на шампионите, според фудбалскиот директор на клубот, Чики Бегиристајн.

„Граѓаните“ ќе патуваат во Мадрид за првиот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ на 26 февруари пред Реал Мадрид да пристигне за реваншот на „Етихад“ на 17 март.

„Кралскиот клуб“ е најуспешниот тим во историјата на турнирот со 13 трофеи. Екипата ги надигра шампионите на Англија и во нивниот последен елиминациски судир на турнирот 2015/16 година, кога мадридскиот колос победи со вкупен резултат од 1-0 во полуфиналето за да стигне до финалето.

„Реал Мадрид е врвна екипа, тешка ждрепка за нас. Тимот го освоил турнирот 13 пати и е најдобар во историјата кога станува збор за Лигата на шампионите. Иако се втори во својата група, ние ја знаеме нивната историја на турнирот, но ако сакате да бидете најдобри треба да го победите најдобриот. Најдобар начин да почнеш е со отстранување на Реал Мадрид. Секогаш е задоволство да се игра против Реал Мадрид и особено на „Бернабеу“. Среќни сме што одиме таму и знаеме против што се спротивставуваме. Тие исто така нè познаваат, тие го познаваат нашиот менаџер, но за нас останува задоволството да ги посетиме“, започна Бегиристајн.

Претходно, Сити има повеќе од два месеци во кои треба да се концентрира на стигнувањето на дефицитот во Ливерпул во Премиер лигата. Екипата ќе биде домаќин и на Оксфорд Јунајтед во четвртфиналето од „Купот Карабао“, а има и дуел со Порт Вејл во третото коло на ФА Купот на почетокот на 2020 година.

Бегиристајн се надева дека тимот ќе се бори на сите четири фронта кога ќе дојде време за елиминациската фаза од Лигата на шампионите и дека тимот повторно ќе биде силен.

„Ние секогаш имаме шанси. Имаме топ состав, ќе се обидеме да ги вратиме сите повредени клучни играчи за февруари. И мислам дека ќе ги имаме нашите шанси да го елиминираме Реал Мадрид. Ние, исто така, мора да останеме во битка за останатите трофеи. Ако тоа се случи, ќе имаме можност да се поздравиме со еден или повеќе од нив“, заклучи тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e