ТВ 21: Гаши избран за претседател на БЕСА на конгресот во Тетово

Африм Гаши е избран за претседател на Движењето „БЕСА“ на денешниот конгрес што се одржа во Тетово. За него гласале 522 делегати, 12 биле против и осум воздржани од вкупно 575 делегати, пренесе ТВ21.

Гаши изјави дека БЕСА отсега ќе биде партија не само на Албанците, туку на сите народи кои живеат во Македонија и кои ги бараат нивните права коишто им следуваат.

Најави дека како претседател на БЕСА ќе се залага за петте точки од програмата на партијата, а тоа се евроатланската интеграција на земјата, подобар живот за граѓаните, еднаква правда за сите, отворена партија за сите и за редефинирање на земјата.

За Биљал Касами рече дека нивните патишта се веќе одвоени и оти без разлика на тоа каква одлука ќе донесе судот, борбата за барање на правадата, ќе продолжи до крај.

На конгресот беше избран и Совет за опсервација на партијата и Централен совет како највисок орган на партијата меѓу два конгреса.

На денешниот прв конгрес на БЕСА присуствуваа и претседателот на ДПА Мендух Тачи, Елми Азири од Алијанса на Албанците, претставници на Турската Демократска Партија и претставници на дипломатскиот кор.

Инаку, претходно од крилото на Билал Касами информираа дека „првиот партиски конгрес на Беса ќе се одржи на 24 февруари во хотелот Холидеј ин во Скопје“.

– Денес уште еднаш ја потврдуваме офицјиалната одлука на Движењето Беса дека првиот конгрес на партијата ќе се одржи на 24 февруари во „Холидеј ин“ во Скопје. Одлуката ја донесовме заеднички, вклучувајќи ја и таа мала група на незадоволни кои денес зачудувачки излегуваат со гласини за манипулирање на јавноста за некоја друга дата. Ова уште еднаш докажува дека таа мала група се научени да не почитуваат одлуки на органите и статутот на партијата. Нашите врати се отворени за сите заинтересирани да ја продолжат политичката активност во Движењето Беса. Бидејќи сме при крај со заокружување на процесот за формирање на општинските совети, апелираме сите да се приклучат во процесот за одржување на конгресот на партијата на 24 февруари – рекоа од крилото на Касами минатата недела.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e