Зајкова: Доста со „шурење” на граѓаните – во државава мора да има социјална одговорност

„Три години по ред, ЛДП ја води оваа битка во Собранието, а три години по ред сведочиме како мнозинството гласа против граѓаните, а за профитите на банките. Додека државата се задолжува и ја полни новата буџетската дупка од 150 милиони евра заради светската криза со нови кредити во име на граѓаните, банките најавуваат нови поскапувања на провизиите за цели 30%. Ова е класично ‘шурење’ и насилство над народот”, вели во изјава за медиумите претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.

Зајкова вели дека недозволиво е во време кога секој студент, секој пензионер и секој социјален случај се бори за леб, банките да го гледаат само сопствениот енормен профит. Додека европските семејства уживаат во придобивките од еврозоната, каде многу банкарски услуги се бесплатни, нашиот граѓанин е казнет затоа што има сметка во банка.

„Мојата порака до колегите во Собранието е кратка: Кому му служите? На граѓаните што ве гласале или на лоби-картел за профит? ЛДП повторно го поднесува законот за укинување на банкарските провизии. Овој пат нема простор за политички игри. Математиката е сурова: Секое бебе, секој пензионер, секој работник минатата година им подариле на банките суми кои реално значат една ‘тринаесетта пензија’ или ‘зголемена плата’. Тие пари наместо во приватни недостапни сефови, мора да останат во семејните буџети”, посочува претседателката Зајкова.

„Нема повеќе ‘на добра волја’. Ако еднаш дозволивме Гувернерот да ги слушне аргументите на ЛДП и да ги намали трошоците, тогаш Собранието мора законски да го финализира тоа. Бараме едногласно усвојување на законот. Секој пратеник што ќе гласа ‘против’ или ќе се воздржи, директно им порачува на граѓаните: ‘Твојот џеб не ми е важен, профитот на банката ми е приоритет. ЛДП нема да запре”, заклучува Зајкова и дополнува дека ова е борба за достоинство, а не за политика и редно време е да се стави крај на осиромашувањето на народот за богатењето на неколкумина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e