„Заев има причина да триумфира“: Зачуван македонскиот идентитет

Заштитата на македонските идентитетски прашања, пренесува Дојче Веле, создадоа нервоза кај грчката опозиција, а дел од медиумите нотираат дека во оваа клучна сфера „Скопје извојувало победа“.

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во 10 часот го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за rрешавање на спорот за името. На масата на претседателот ќе се најде комплетниот договор во кој се регулирани обврските на двете земји, и динамиката на имплементација на предложеното решение. Откако вчера премиерот Заев ги презентираше главните сегменти на решението, кај аналитичари постои увереност дека клучните интереси за заштитени.

„Ако се земе како точно она што го изнесе премиерот Заев, сметам дека договорот е поволен, и тоа од следниве причини“, анализира политологот Ненад Марковиќ. „Прво, се заштитува македонскиот јазик како елементарен маркер на идентитетот. Овој назив станува дефинитивен, а радува и тоа што нема да бидат додавани никакви фусноти со непотребни дообјаснувања на која група јазици и припаѓа. Второ, а тука очекувањата беа далеку пониски, придавката македонски се појавува и во графата ‘nationality’ која се однесува сепак на генеричко име на сите припадници на една политичка заедница, а не на етничкиот идентитет на Македонците, кој не е предмет на преговарање. Очекувањата беа дека ова нема да биде дел од договорот, но се покажа спротивното, иако кон ова се додава и ‘граѓани на Република Северна Македонија’. Кодовите (освен регистарските таблички) остануваат ‘мк’ и ‘мкд’, што е исто така поволно за нашата страна. Претпоставувам дека се прави исклучок за регистарските таблички со цел дел од граѓаните да бидат побезбедни при патувања во Грција, со оглед дека и кај граѓаните на јужниот сосед ќе има отпор и револт кон договорот, барем во одреден период“, оценува Марковиќ.

Што се однесува до името на државата, вели дека е евидентно оти на крајот била прифатена опција која секако била на маса.

„Таа сепак е многу подобра од придавката ‘Нова’“, потенцира Марковиќ.

Победниците се Заев и Димитров

Токму заштитата на македонските идентитетски прашања создадоа нервоза кај грчката опозиција, а дел од медиумите нотираат дека во оваа клучна сфера „Скопје извојувало победа“.

„Грција ја признава Северна Македонија и нејзините граѓани како ‘Македонци’, со што во суштина ја прифати националната идеологија на Скопје, со посочениот иредентизам“, пишува „Прототема“.

Според весникот, иако грчката влада се обидела да ги намали и елиминира иредентистичките елементи, „реалноста е дека наместо да ги елиминира, таа ги легитимира“.

„Зоран Заев има причина да триумфира. Тој на крајот можел да прифати ерга омнес, но со право може да се гордее што обезбедил признавање на ‘македонскиот’ идентитет. Реалноста е дека од почетокот на преговорите, Скопје се карактеризираше со црвена линија која не требаше да дозволи допирање до ‘македонскиот’ идентитет. Резултатот покажа дека ja испочитуваа оваа црвена линија, и покрај фактот дека нивната интеграција во НАТО и отворање на пристапните преговори со ЕУ зависи од зелено светло од Атина. Со други зборови, додека Алексис Ципрас и Никос Коѕијас ја имаа преговарачката предност, победниците се Зоран Заев и Никола Димитров“, пишува „Прототема.

ДЕЦЕНИСКИ СПОР ЗА ИМЕТО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА
Независноста како иницијална каписла.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.

Во текстот се додава дека причината за ова е што грчката страна од почетокот ја нагласувала промената на државното име, со занемарување на идентитетските прашања.

„Ѕвездите со појаснувањата во договорот за ‘македонски’ јазик и другите не ја негираат суштината, што значи признавање на ‘македонскиот’ идентитет. Со овој звучен аргумент, Заев ја повика опозицијата да го поддржи договорот“, заклучува весникот.

Нема капитулација

Ваквите оценки во овој и во други грчки медиуми, се во целосна спротивност со тврдењата на македонската опозиција дека договорот значи „капитулација“ и „прифаќање на сите грчки позиции“.

„Ако постигнатиот таканаречен договор на Зоран Заев е прифаќање на промена на уставот, и внатрешна и надворешна употреба на новото име, тогаш тоа е договор на Зоран Заев за капитулација! Повторувам – договор за капитулација!“, тврдеше вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Она што останува како прашање, е како ќе се спроведат уставните измени и севкупната употреба на името.

„Уставната техника секако ќе биде предмет на дискусија и договарање во идниот период, но не помалку битен е и внатрешниот политички дијалог“, смета Марковиќ.

„Идеално би било кога би имале национален консензус за ова прашање, но имам големи сомнежи дека ова е можно. Секако, процесот има уште многу фази во кои многу работи може да тргнат наопаку, иако се чини дека процесот во двете држави е влезен во фаза од која тешко ќе се ретерира. И покрај неговото постигнување, влегувањето во ЕУ подразбира и многу други чекори кои се врзани за внатрешни реформи, а може да се покажат како покомплицирани и од самото прашање за името. Сепак, се надевам дека договорот е само почеток, а не крај на еден процес, кој подразбира отварање на евро-атлантските перспективи и секако подобрување на односите меѓу двете држави“, вели тој.
Во грчки медиуми, пак, се нотираат стравувањата дека на крајот Атина ќе ја плати политичката цена на нејзините заштитни механизми околу спроведувањето на обврските кај северниот сосед.

„Главниот аргумент што го изнесе владата е дека постојат заштитни мерки во случај Скопје да не ги исполни своите обврски. Всушност, Атина ќе може да стави многу вета за процесот на пристапување на соседната држава кон Европската унија. Сепак, треба да се нагласи дека политичко-дипломатските трошоци за вето ќе бидат на сметка на Атина, а не на Скопје. Ова значи дека грчката страна е во прилично неповолна положба“, оценува „Прототема“.
Генерално, грчките медиуми предвидуваат „жешко лето“ за премиерот Ципрас, односно бран на незадоволство со реакции дека Атина не ја одбранила националната линија. Критики против договорот има и во Македонија, пред сѐ, од структури кои се противат на интеграцискиот исчекор на земјата, односно се противат на членство во ЕУ и НАТО и се залагаат за други „алтернативи“.

И додека во двете земји има комбинација „и од ловорики, и од критики“, од соседството и светот стигнуваат единствено искрени честитки „за храброста, визионерството и лидерството со кое Заев и Ципрас го постигнале историскиот договор“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e